fbpx

Денес кај Смиљковско само црквичката, тагата и тишината сведочат за убиените

-

Три години по грозоморното убиство на Александар Накевски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски и на рибарот Борче Стефковски на Велики четврток, Смиљковско Езеро е мирно, како ништо да не се случило.

Сведок на монстурозниот чин е само црквичката „Свети 40 маченици“, изградена во чест на убиените деца.

Тишината се чувствува и покрај спорадичното движење на возила, а мештаните со тажен поглед нè насочуваа како да стигнеме до бараната дестинација.

На ниту еден дел од патот што води до местото на свирепото убиство нема патоказ, а човек кој никогаш не бил таму, тешко би можел да се снајде.

Таму ладнокрвно беа ликвидирани петмина. Настанот предизвика голем потрес во македонската јавност, а одекот не стивнува ни до ден-денешен иако случајот имаше судски епилог, во кој шестмина добија доживотни затворски казни.

Родителите и роднините на четирите ликвидирани момчиња, на возраст од 18 до 21 година, сè уште ја бараат вистината, сомневајќи се дека институциите не докрај го расветлиле случајот и дека се кријат нарачателите на масакрот.

– Сакаме да се откријат нарачателите на убиствата. Знаеме дека ги знаат кои се, но намерно се кријат. Во пресудата има четири страници со кодирани разговори. Комуникација на извршителите со нарачателите. Тоа се телефони на политички функционери. На судењето судијата им подели на адвокатите на обвинетите листови, кога ги видоа, пребледеа. Али Ахмети знае сè, можеби и тој е вмешан. Можеби е организатор заради политички пазарења – вели за „Мета“, Горан Накевски, татко на убиениот Александар Накевски.

Родителите, изминативе три години барале помош и кај странските претставници во земјава, но, како што вели Накевски, кај нив како да немало интерес да им помогнат.

– Бевме во Амбасадата на САД. Ние ја носиме пресудата, а ете го заменик-амбасадорот – и тој со пресудата в раце. И тие знаат сè, но ете… Велат немале време, немале желба, немале основа… – раскажува Накевски.

Како еден од можните мотиви за масакрот е одмазда за двојното убиство што во февруари истата година се случи во Гостивар, кога припадник на полицијата со пиштол усмрти двајца Албанци, по расправија за место за паркирање.

– По тој настан имаше песна, во која се пееше дека ќе убиваат и ќе колат Македонци. Таа песна ја имало во телефоните на обвинетите и се пушташе и во судница. Мислиме дека тоа е можниот мотив. Но, целото ѕверство е организирано, не е извршено туку-така – вели Накевски.

Телата на четирите момчиња и на средовечниот рибар беа најдени на 12 април 2012 година, на Велики четврток, околу 22.30 часот, на брегот на Смиљковско Езеро. Обдукцијата на телата утврди дека во нив било стрелано одблиску со три типа оружје.

Во меѓувреме, полицијата мобилизираше голем број од своите припадници за да превенира ескалација на и онака напнатата атмосфера. Жителите на Радишани ги блокираа локалните улици, а беа оштетени неколку автомобили и дуќани.

Беше формиран и оперативен штаб, кој раководеше со операцијата за откривање и за апсење на сторителите на масакрот.

На 16 април, министерката за внатреши работи, Гордана Јанкулоска, потврди дека автомобилот, марка „опел омега“ со темноцрвена боја, што полицијата го нашла на 10 километри од местото на убиството, бил користен од извршителите.

Околу 1 мај, полицијата изведе обемна акција, под оперативно име „Монструм“, во која беа уапсени дел од обвинетите. Во операцијата учествуваа околу 800 припадници на МВР, од Бирото за јавна безбедност (БЈБ), како и од Упрвата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

По речиси двегодишен судски процес и неколкукратно одложување на објавувањето на пресудата, на 30 јуни минатата година за масакрот кај Смиљковско Езеро на доживотни казни затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ за тероризам, како директни извршители на масакрот, а за планирање и за извршување, доживотен затвор добија Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута.

Првообвинетите Алил Демири и Агим Исмаиловиќ се сè уште во Косово, каде беа уапсени и осудени за поседување оружје. Македонските правосудни органи побараа нивна екстрадиција, од која засега нема ништо.

Пресудите за „Монструм“ предзивикаа жестоки протести на граѓани од албанската заедница, од кои дел беа одбележани со насилство, кое кулминираше со каменување на судот, а неколку полицајци беа повредени. Протестантите сметаа дека пресудата е неправедна и дека целиот случај „Монструм“ е монтиран.

Кон крајот на минатата година, порталот „Порталб“ пишуваше дека Општина Гази Баба планира изградба на објекти на земјиштето кое е под концесија на семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“.

Бедри Ајдари, роднина на осудениот на доживотна казна затвор, Фејзи Азири, за „Порталб“ тогаш изјави дека вистината за случајот „Монструм“ полека се открива.

– Ние отсекогаш верувавме дека целата работа е за договорот за земјиштето што сме го направиле и некако се открива дека тоа е вистина. Не знам кој ќе гради или што ќе гради, само знам дека обвиненијата за убиство имаат врска со 39 хектари земјиште кои беа земени под концесија на 30 години во 2006 година – изјави тогаш Ајдари за „Порталб“, додавајќи дека неколкупати имало обиди да се раскине договорот за концесија, но тоа било невозможно, па целта била постигната со петкратното убиство кај Смиљковко Езеро.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...