Ден на жалост во Штип по трагичната сообраќајка во која загинаа две лица


       
Штип, 5 јануари, 2016 - 11:46 (META) 

Општината Штип денешниот ден (5 јануари) го прогласи за ден на жалост, откако двајца штипјани ги загубија животите во тешка сообраќајна несреќа, што се случи синоќа на патот Штип – Софилари.

Телата на 30–годишниот Ристе Шалев и 41-годишниот Коце Петров, двајцата затворски чувари од Штип, ќе бидат погребани денеска попладне.

Како што синоќа објави „Мета“, Петров и Шалев ги загубија животите, кога одејќи на работа во ноќна смена, возилото што го управувал Петров, излетало од коловозот, се превртело на покрив и завршило во реката Брегалница.

Според очевидци, први на помош притрчале нивни колеги, кои се возеле во возилото зад нив. Успеале да го дочекаат жив Петров, кој набргу им починал на раце, додека Шалев веќе бил починат.

Лекар од итната медицинска помош констатирал смрт, а телата, по налог на јавен обвинител, биле предадени на обдукција, соопшти полицијата.

Местото каде излетало возилото е пред мостот на реката Брегалница, што го спојува излезот на Штип со регионалниот пат што води од Штип кон Радовиш.

Загинатите Шалев и Петров се добро познати на штипската јавност. Шалев е претседател на урбаната заедница Железничка и пред осум месеци стана татко. Коце Петров кој е брат на загинатиот бранител од конфликтот во 2001 година, Влатко Петров, уште еднаш ги зави во црнина родителите, кои го загубија и вториот син.

В.К.