Демонстрантите ги спуштаа панталоните и ги покажуваа гениталиите, сведочи советничка за „Шамарите“


       
Скопје, 6 јуни, 2018 - 11:22 (META) 

На денешното рочиште за судењето за предметот на СЈО, „Шамарите“ во Општина Центар, сведочи Цветанка Симоновска, поранешна советничка на коалицијата предводена од СДСМ во Општина Центар.
Таа се присетуваше на 7 и 10 јуни, деновите кога имаше немири во и пред општина Центар.

– Координацијата доаѓаше од внатре. На секое отворање уста на Шиповиќ, Даниела Рангелова и Томислав Лазаревски ги земаа мобилните и им кажуваа да го засилуваат викањето. Навредуваа со погрдни и вулгарни зборови кои, кои не доликува да ги кажам во судов. Ги спуштаа панталоните, ги покажуваа своите гениталии. Не знаевме дека пеколот доаѓа за 3 дена во понеделник – сведочеше Симоновска за насилствата на седми.

Таа рече дека целта била да се оневозможи советот да работи затоа што тогаш СДСМ имала тесно мнозинство до 12:11 за донесување на одлуки.

Група луѓе, како што рече таа, влегла со викање на влезот на бараката бр. 6 каде заседавал советот.

-Андреј, Андрејчо, Ајде комуњари, Живи ќе ве запалиме, одовде нема да излезете, летаа компири, патлиџани, парчиња стакло по очите. Полицајците само фигурираа пред општината и не повикаа засилување – нагласи таа.

На крај дошла специјална полиција, ОБСЕ и амбасадорите и така се спасиле тој ден од натамошни повреди.

Обвинети со случајот се експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова и уште девет лица. Двајца од обвинетите признаа вина и добија условни казни, а за еден се води издвоена постапка.