Дебата: Со промените, главен уредник може да оди во затвор за говор на омраза


       
Скопје, 2 октомври, 2015 - 15:08 (META) 

Со промените што ќе следат во медиумското работење, нема да е чудно ниту ако уредник во медиум заврши во затвор затоа што дозволува говор на омраза и дискриминација преку неговото гласило. Ова го изјави Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите (СЕММ), на денешната тркалезна маса „Справување со говорот на омраза и со дискриминацијата – влијанието на уредниците и предизвиците со кои се соочуваат“.

Според него, проблемот со неетичноста во македонското новинарство е тоа што институциите не работат ефикасно и затоа потребно е да се активира принципот на саморегулација.

– Во кривичниот законик за говор на омраза и за дискриминација се предвидени затворски казни токму за главните уредници, одговорните уредници и за сопствениците. Казните не се мали, се движат од една до десет години. Во држава со демократски капацитет како нашиот, законот не се применува. Но, со промените што треба да настанат, не значи дека некој уредник или сопственик нема да заврши во затвор. Токму затоа инсистираме на саморегулација – изјави Адамчевски.

Досега во СЕММ се доставени 16 претставки за говор на омраза. Дванаесет се однесуваат на содржини објавени во интернет-медиумите, три за национални телевизии и една за печатен медиум. Приговорите биле поради напади кон ЛГБТ-заедницата, говор на омраза кон малолетници, политичари и кон новинари.

На тркалезната маса учествуваше и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав. Тој зборуваше за европските вредности и за слободата на изразување како клучен сегмент во демократски општества.

Тој рече дека досега од ЕУ се поделени 2,5 милиони евра за граѓанско општество и програми за поддршка на слободата и на интегритетот во медиумите. Во рамки на ИПА2 програмата, ќе се обезбеди дополнителна помош за да се зајакнат професионалните новинарски организации и невладините организации што се залагаат за слобода на медиумите.