fbpx

Дебата: Рамниот данок им оди во прилог само на богатите

-

Рамниот данок не даде ниту еден од очекуваните ефекти, тој им оди во прилог само на најбогатите.

Ова беше истакнато на јавната дебата за даночната реформа во Собранието на која учествуваа министерот за финансии Драган Тевдовски, пратеници, поранешни министри, експертска јавност и претставници на бизнис-секторот.

Тевдовски на дебатата ја истакнал потребата од воведување на праведен систем на оданочување.

– Најдоховните еден процент граѓани имаат вкупна ефективна даночна стапка која е пониска од онаа на останатите. Затоа, прагот за прогресивното оданочување е поставен за да ја опфати токму оваа група граѓани. Рамниот данок им оди во прилог на богатите. Со воведување на рамниот данок само се зголемуваше учеството на богатите во вкупниот доход – рече Тевдовски.

Поддршка за даночната реформа дале и поранешните министри Никола Поповски, Петар Гошев и Абдулменаф Беџети.

– ЕУ вели дека даночниот товар е 40 проценти, а во еврозоната 42 проценти. Србија и Хрватска имаат од 46 до 47 проценти даночен товар. Ние имаме помал даночен товар. Ваквата поставеност креира дефицит. Преку тоа се креира јавен долг – рече Никола Поповски, универзитетски професор и поранешен министер за финансии.

Поранешниот министер за финансии, Петар Гошев рече дека рамниот данок не го забрза развојот.

– Во минатото стапката на раст беше 4,2 проценти, а по воведувањето на рамниот данок е 2,6 проценти. Рамниот данок не ни донесе раст, туку ни донесе огромен јавен долг – рече Гошев.

Академик и поранешен министер за развој, Абдулменаф Беџети рече дека инвестициите не се зголемија благодарение на рамниот данок, немаше раст на БДП како што беше очекувано.

– Не беа постигнати очекуваните ефекти во ниту еден сегмент. Ние имаме регресивен даночен систем. Најмногу буџетот се полни од сиромашните и од средната класа – рече Беџети.

Даночната реформа предвидува воведување на дополнителна стапка од 8 проценти за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. Ова значи дека за доходот до 90.000 денари месечно, данокот би останал 10 отсто како и до сега, додека само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, би се плаќале дополнителни 8 отсто. Со ова, за мнозинството граѓани даночната стапка ќе остане иста, 10 отсто.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Контраспин: Силјановска не ги седна пензионерите во ложата на „Мапет шоу“

Контекстот во кој претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ја кажа репликата за „Мапет Шоу“, беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Самата реплика воопшто не се однесуваше на...