!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Дебармаалци попладнево ќе протестираат за безбедни улици


       
Скопје, 21 август, 2017 - 11:19 (META) 

Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ денеска во 18 часот на протест пред Министерството за култура ќе ги повикаат Општина Центар и Град Скопје да ги применат постоечките закони за да ги заштитат пешаците од, како што велат „опасноста предизвикана од тротоари окупирани од возила и кафеани, опасно неорганизиран сообраќај и неконтролирано градење“.

Протестот кој се одржува под слоганите „Вратете ни ги тротоарите“ и „Здравјето пред профитот“, ќе се одвива од 18 до 19.30 часот, на улицата Антоние Грубишиќ, на потегот од ОУ „Коле Неделковски“ до Министерство за култура.

Минатата недела, кај ОУ Коле Неделковски загина постара жена која одеше по коловозот на улицата Антоние Грубишиќ.

„Тротоарите се постојано зафатени со возила, а комбето што ја усмрти се движеше во рикверц затоа што нема простор и затоа што дотур се прави во најфреквентните часови и во текот на цел ден. Брзината, иако формално ограничена, никој не ја санкционира, бучавата ги надминува сите дозволени граници, градежните активности продолжуваат и покрај тоа што граѓаните го оспорија предложениот Детален урбанистички план. Иако градоначалникот на Центар и Општината се обврзани со закон да одговорат на анкетните ливчиња за ДУП-от, градоначалникот Андреј Жерновски и Општината го прекршија законот и сѐ уште одбиваат да одговорат на над 400 анкетни забелешки од граѓаните“, велат од граѓанската иницијатива, потсетувајќи дека повеќе од две години предупредуваат на опасноста и бара од градоначалниците на Центар Андреј Жерновски и Скопје Коце Трајановски.