Даути: Политичката стабилност е клучнa за зголемување на ивестициите низ ТИР-зоните


       
Тетово, 17 октомври, 2018 - 13:06 (META) 

Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Бардиљ Даути, денеска оствари средба со дел од раководството на Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Тетово. Целта на посетата беше запознавање со работата и состојбата во зоната.

Даути потенцираше дека политичката стабилност е клучен показател за зголемување на инвестиции низ ТИР-зоните во Македонија.

-Како Влада, интензивно работиме за надминување на лошата политичка атмосфера што постои во моментот околу решавањето на проблемот со името. Колку побрзо се надмине оваа состојба, толку попозитивно ќе има влијание за нови инвестиции не само за ТИРЗ Тетово, туку и воопшто во Македонија – истакна Даути.

Директорот на ТИРЗ Тетово пак, Арбен Халили информираше дека компанијата „Лас плекс“ е нова инвестиција во зоната која ќе работи со изработка на стакло. Халили рече дека на средбата со Даути го информирал за досегашната работа на ТИР-зоната и отвореноста кон странски и домашни инвестиции. На средбата заклучиле дека потребна е рамномерна распределба на инвеститорите низ зоните во Македонија, за сите региони да имаат можност за развој и вработувања.