fbpx

Даночните измени ќе удрат по штедачите, земјоделците, берзанските играчи, банките

-

 

Министерството за финансии го објави предлог-законот за данок на личен доход со кој се воведува прогресивен наместо рамен данок кај повеќе категории обврзници односно се воведуваат големи промени во стапката на оданочувањето на различни видови доход кај граѓаните. Иако оттаму укажуваат дека станува збор за воведување праведен данок кој ќе ги опфати само лицата со високи примања, одредбите во самиот предлог-закон покажуваат дека непосредно или посредно даночните измени ќе ги почувствуваат штедачите, самостојните земјоделци, граѓаните кои остваруваат примања од вложување на берзата, граѓаните кои се осигуруваат, банките, осигурителните компании…

Даночните измени предвидуваат поделба на доходот на две групи – доход од труд и доход од капитал.  За доходот од труд (плати, пензии, договори за дело, доход од авторски права, доход од самостојна дејност), се воведува прогресивност, односно дополнителна стапка од 18 отсто за даночната основа која надминува 1.080.000 денари годишно, односно 90.000 денари месечно.

Конкретно, за даночна основа (т.е. бруто-доход, минус социјални придонеси, минус даночно намалување) до 90.000 денари месечно, даночната стапка останува 10 отсто.

„Тоа значи дека за најголем дел од населението номиналната даночна стапка останува иста. Стапката од 18 отсто ќе важи за износот над тоа. На пример, на месечна даночна основа од 100.000 денари, за 90.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 10 отсто, додека за 10.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 18 отсто“, информираат од Министерството.

Со законот се предвидува и оданочување на доходот од капитал (закуп и подзакуп, дивиденди, капитални добивки, добивки од игри на среќа) и другиот доход со единствена стапка од 15 отсто.

„Поради нередовноста на овој доход, во пракса е поедноставно тој да се оданочува со единствена стапка отколку со прогресивни стапки. Ваква е практиката и во земјите од регионот (Хрватска, Словенија, Албанија, Србија). Поради тоа што овој доход во најголема мера завршува кај најдоходовните сегменти од популацијата, со цел да се обезбеди поправедна дистрибуција на доходот, избрана е стапка која е повисока од основната стапка на данокот на доход од труд“, велат од Министерството.

Со новата регулатива се воведува и оданочување на капиталните добивки од хартии од вредност и на каматите од орочени депозити со стапка од 15 отсто, со одложена примена од почетокот на 2020 година. На доход од камати до 250 евра годишно, нема да се плаќа данок. Сепак, воведувањето ваков данок сериозно може да го дестимулира штедењето во банките, што на своевиден начин е голем удар за банкарскиот сектор чиј главен извор на финансии и давање кредити се токму штедните влогови на граѓаните.

Со новиот закон се предвидува и оданочување на доход од осигурување се подразбира односно премијата за осигурување на живот уплатена од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, премијата за неживотно осигурување уплатена од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, придонеси во доброволен пензиски фонд уплатени од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, исплатената осигурана сума, освен надоместокот на штета, исплатениот пензиски надоместок од доброволно капитално финансирано осигурување и освен пензискиот надоместок исплатен преку програмирани повлекувања.

Од Министерството за финансии велат дека промените се воведуваат со цел да се адресира постоечката регресивност кај данокот на доход, како и да се обезбедат дополнителни буџетски средства за обезбедување квалитетни јавни услуги.

„Најдоходовните 1 отсто од луѓето во Македонија во 2017 година заработувале во просек 4.486 евра месечно, што е 14,4 пати повеќе од просечниот доход на граѓаните во државава. Ова ја става Македонија на прво место во Европа по социјалната нееднаквост. Со реформата очекуваме да обезбедиме дополнителни 25 милиони евра. Средствата ќе бидат искористени за борба против сиромаштијата. Оној кој има доход повисок од 90.000 денари, ќе плати нешто повеќе, за да му дадеме можност на својот сограѓанин да оди напред“, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски при презентацијата на даночните измени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...