fbpx

Дали вработен од МВР контактирал со контроверзниот „Хакинг тим“?

-

Во дел од електронската коресподенцијата на контроверзната италијанска компанија „Хакинг тим“, што минатата недела ја објави „Викиликс“, има и службени мејл-адреси што гласат на на Министерството за внатрешни работи, moi.gov.mk.

На прашање на „Мета“ дали во МВР има вработен чиј е-мејл е на листата на контакти на претставници на државни институици од повеќе земји, што си ги разменуваат двајца вработени во „Хакинг тим“, помошникот-министер за односи со јавност  на МВР, Иво Котевски, вели:

„Не знам, можеби имаме, но што е тоа важно“.

Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, вчера не сакаше да ги коментира мејловите објавени од „Викиликс“ и помалку нервозно тврдеше дека МВР нема купено софтвер од „Хакинг тим“.

„Па, не би го коментирал сега „Викиликс“. А министер за внатрешни работи нема купено таков софтвер“, рече Чавков.

На новинарско прашање каков софтвер за следење комуникации користи МВР, Чавков одговори: „Па, не би знаел сега техничката спецификација да ви ја кажам. Тоа е софтверско решение кое е обезбедено поодамна.“

Ултимативен софтвер за следење на комуникациите на интернет каков што не замислил ниту Џорџ Орвел во култниот роман „1984“, е параболата со која упатените го опишуваат производот на контроверзната италијанска компанија „Хакинг тим“, чија мејл-коресподенција со нивни клиенти ја објави „Викиликс“.

„Не менува ниту еден од постојните фајлови, не се појавуваат нови фајлови на хард-диск, никакви нови процеси не се извршуваат и никакви нови мрежни конекции не се воспоставуваат. Не се открива со антивирус, со аниспајвер, со анти-ки-логери. Со ништо. Набљудува сè, бележи сè, дури и можат да му се даваат наредби преку интернет без никој да знае“, велат познавачите.

Александар Чоковски од фирмата „Навајо технолоџис“, преставувајќи се како фирма-набавувач на опрема за следење за македонската влада, со извесен Масимилијано Лупи од „Хакинг тим“ договара набавка на систем за следење за потребите на Царинската управа.

Мејл-коресподенцијата беше со датум 30 јуни, односно 1 јули оваа година.

Набргу по текстот што го објави „Мета“, Чоковски преку својот твитер-профил демантираше дека набавувал опрема за цирината и дека целата комуникација со „Хакинг тим“ била мамка за да дојде до демо-верзијата на „РЦС Галилео“.

И Царинската управа викендов демантираше дека во моментот набавува опрема за прислушување и за следење на комукациите „ниту, пак, е предвидена набавка на таква опрема со плановите за наредните три години, што се подготвени и доставени до Министерство за финансии на Република Македонија“.

Но, остана нејасно дали, сепак, македонските власти имале контакти со „Хакинг тим“.

Според материјалот објавен на „Викиликс“, во мејловите од хрватската фирма „Алфатек“ се наведува дека лани од фирмата им презентирале софтвер на македонските безбедносни служби и на МВР, а слична презентација била планирана и за оваа година.

Александар Чоковски од „Навајо технолоџис“ вели дека комуникацијата со „Хакинг тим“ била на негова рака, но досега за случајот не се изјаснија од неговата фирма, со седиште на Димче Мирчев број 20, фамозната зграда, во која, според обвинувањата на опозицијата, станови имаат повеќемина функционери и политичари од редовите на актуелната власт.

Појавувањето на овие мејлови и споменувањето на државни институции, како МВР и Царината, се случува среде политичка криза препознатлива по нејзиниот, можеби, главен атрибут, аферата Прислушување“.

Опозицијата неколку месеци, почнувајќи од февруари годинава, објавува аудиоснимки од прислушувани разговори на владини функционери и на политичари од владејачката ВМРО-ДПМНЕ , обвинувајќи го премиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната полицијата (Управата за безбедност и контраразузнавање), Сашо Мијалков, дека ја злоупотребиле опремата за прислушување на МВР.

Според опозицијата, власта прислушувала повеќе од 20.000 граѓани.

Истовремено, лидерот на опозцијата, Зоран Заев, поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски, и уште три лица беа осомничени, а потоа и обвинети за шпионажа и за насилство врз претставници на највисоките државни органи.

Полицијата, но и премиерот Никола Груевски, тврдеа дека зад прислушувањето стојат странски служби.

Во меѓувреме, од Обвинителството нема никакви информации околу тоа дали е почната истрага за аферата „Прислушување“, иако тоа неколкупати беше побарано од институциите на Европската унија.

Ставањето на мејловите на „Хакинг тим“ на увид на јавноста откри дека италијанската компанија, која во слободен говор се нарекува и „најголемиот душман на интернетот“, чии клиенти се само владини институции, продавала софтвер за следење на комуникации на држави кои на светската политичка мапа се окарактеризирани како земји под управа на авторитарни и диктаторски режими и на земји кои се под санкции на Меѓународната заедница, како Судан и Русија.

Токму ова последното го предизвика и вниманието на Европскиот парламент. Европратеничката од Холандија, Мариетје Шаак, пред една недела побара италијанските власти  да спроведат истрага за „Хакинг тим“, пишува „Матерборд“.

Деновиве, „Енгаџет“ излезе со листа на земји со кои „Хакинг тим“ имале соработка, од кои повеќето се под водство на диктаторски или, во најмала рака, автократски режими.

Египет, Етиопија, Мароко, Нигерија, Чиле, Колумбија, Еквадор, Хондурас, Ирачки Курдистан, Мексико, Панама, Азербејџан, Казакстан, Малезија, Монголија, Сингапур, Тајланд, Тунис, Турција, Узбекистан, Кипар, Бахреин, Оман, Саудиска Арабија, Обединетите Арапаски Емирати, Судан се дел од листата од 34 држави, меѓу кои сепак, може да се сретнат и земји кои од друга страна важат за „осведочени“ демократии, односно Австралија, САД, Јужна Кореја, и од членките на Европската унија, Република Чешка, Унгарија, Луксембург, Полска и Шпанија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Бизнисот на задоволството“ доби награда за најдобар долгометражен филм на фестивал во САД

Филмот „Бизнисот на задоволството“ на авторот Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД. Фестивалот, што се одржа од 10 до...