„Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот за името“, е можното референдумско прашање


       
Скопје, 19 јули, 2018 - 9:30 (META) 

Премиерот Зоран Заев по лидерската средба синоќа, информираше дека можното прашање на референдумот ќе биде – „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“. Tој рече дека референдумот ќе биде консултативен и за денеска попладне најави нова лидерска средба.

Заев посочи дека разговарал со лидерите на сите партии освен на ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски ја напушти средбата по околу еден час од нејзиниот почеток. Тој потенцираше дека сите што останале на лидерската средба се за влез во ЕУ и во НАТО и за успешен референдум како процес.

– Разговаравме и за насоката на која не упатува членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието допрва треба да донесе некоја исклучителна важна одлука за иднината потребно е референдумот да биде консултативен со цел граѓаните на Република Македонија да бидат консултирани за вака важно прашање пред да биде донесена одлуката, а согласно договорот со Грција тоа е одлуката за уставни промени – рече Заев.

Одлуката, додаде Заев, се смета за конечна, доколку на референдумот излезат најмалку 50 проценти од вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список и таа ќе биде обврзувачка за сите политички чинители во Собранието.

Во однос на датумот кога ќе се одржи референдумот, Заев повтори дека треба да биде распишан 60 до 90 дена пред одржувањето, но додаде дека планот е некаде кон средината на јануари да се заврши со сите постапки при успешен референдум, со што ќе се овозможи Парламентот во Грција да гласа за Договорот.

На прашањето за предвремени избори рече дека изборите се секогаш опција, но додаде дека тие во моментов не се поволност.

-Сите знаеме што значат изборите, неколкумесечно уназадување, а трендот е одличен во Македонија заради тоа што во овој момент имаме покана за НАТО, добиваме датум за преговори со ЕУ и треба да бидеме паметни сето ова да го искористиме за економскиот стандард на граѓаните, за инвестиции, за придвижување, охрабрување на институциите – изјави Заев и појасни дека според него, треба да се оди на редовни избори.