!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Дачиќ: Порака за Македонија – знаеме што сте договарале


       
Белград, 22 август, 2017 - 12:23 (META) 

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска изјави дека одлуката на Србија да го повлече персоналот од амбасадата во Македонија всушност преставува порака до Скопје дека Србија „знае што се договарале и што се договориле“.

Тоа, како што истакна Дачиќ, не е нешто што им се прави на пријателите, но дека и покрај тоа Србија сака добри односи со сите држави во регионот поради мир и стабилност.

– Србија сака да ја смири новонастанатата ситуација со Македонија која не се базира на претпоставки, туку на недвосмислено утврдени факти кои говорат за засилено офанзивно дејствување кон Србија – изјави Дачиќ во утринската програма на телевизијата „Пинк“.

Српскиот министер за надворешни работи најави дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ утре телефонски ќе разговара со македонскиот премиер Зоран Заев, а дека тој ќе се слушне со неговиот колега Никола Димитров, но и дека српската премиерка Ана Брнабиќ ќе има прилика да се сретне со Заев на меѓународен собир овие денови.

Дачиќ истакна дека Србија не преземала и не презема ништо против Македонија сите овие години и дека била многу коректна и конструктивна и не се мешала во внатрешните работи на Македонија дури ни, како што вели, во турбулентните периоди кога имало секојдневни протести.

– Не постои ништо врз основа на што би можело да се утврди дека Србија презела било што би било против интересите на Македонија – додаде Дачиќ и потсети дека Македонија има проблем и дека не го разрешила прашањето за името на државата.

На пораката на македонската владата дека по прашањето на кандидатурата за Косово за членство во УНЕСКО ќе се води по ставовите на поголемиот број држави членки на ЕУ, Дачиќ вели дека ако Србија има став како ЕУ тогаш би можела да ја поништи претходната одлука и да ја признае Македонија под името со кое таа седи во Брисел – а тоа е БЈРМ.

Дачиќ вели дека и претходно постоеле разузнавачки дејствувања, но дека во последниот период имало наредби тие делувања да се зајакнат. Тој додаде дека не го загрижува тоа што го прислушувале неговиот телефон затоа што тоа што тој го зборува на телефон го кажува и јавно.