!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Дачиќ: Албанската дијаспора планира заземање на српски дипломатски претставништва


       
Белград, 9 јануари, 2017 - 20:25 (META) 

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска изјави дека има информации дека во албанската дијаспора се планира заземање на некое дипломатско-конзуларно претставништво на Србија во САД или Европа за Србија да биде принудена да се откаже од барањето за судење на поранешниот косовски премиер, Рамуш Харадинај.

Дачиќ рече дека тоа покажува дека албанските политичари се подготвени „дури и на тероризам“ и ги предупреди сите земји дека се одговорни за безбедноста на српските дипломатски претставништва, а албанските политичари „да не си играат со оган“.

– Србија нема да се откаже од гонење на Харадинај ниту од кој било друг кој направи злосторства против српскиот народ. И српскиот народ, како и секој друг, заслужува правда – рече Дачиќ.

Тој истакна дека изјавата на министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, дека по апсењето на Харадинај треба да се ревидира дијалогот Белград – Приштина, покажува дека во суштина албанската политика дозволува злосторства против Србите и дека дијалогот се води само за понатамошно афирмирање на косовската независност.

– Србија е за конструктивен дијалог, но не се плаши и не дозволува некој да ја условува и да ја понижува. Навредите на сметка на Александар Вучиќ поради ставот за Харадинај, покажуваат колку на Албанија не ѝ е гајле за добрите односи со Србија. Ако Вучиќ, како што вели Бушати, живее во минатото, во каков ли темен вилает живеат албанските политичари во Албанија и на Косово? Затоа решиле да дадат налог на албанската емиграција да протестира пред нашите и француските дипломатско-конзуларни претставништва во светот како што направија денеска во Њујорк – изјави Дачиќ, а пренесе министерството за надворешни работи на Србија.