Дачиќ: Ако ви е навредливо БЈРМ, зошто седите во ОН, ЕУ, ОБСЕ и во Советот на Европа?


       
Белград, 20 јануари, 2017 - 17:22 (META) 

За Србија е навредливо користењето на називот „Република Косово“, изјави денеска шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, по повод барањето на Министерството за надворешни работи на Македонија да не се користи референцата БЈРМ, затоа што е навредлива.

– Ние бараме обостран коректен однос. Ако веќе протестираат поради признаницата за патарина, што би требало ние да направиме поради нивното признавање на Косово и гласањето во УНЕСКО – изјави Дачиќ за „Вечерње новости“.

Дачиќ, исто така, праша зошто Македонија не ги напушти Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ и состаноците со ЕУ, каде фигурира под референцата БЈРМ.

– Зошто седат под тоа име, а сега им е проблем признаницата на која истото го пишува? Србија не го сменила својот став за признавање на Македонија, но и за Србија е навредливо и срамно кога тие велат „Република Косово“ – рече Дачиќ.

Дачиќ на почетокот од годинава во интервју за новинската агенција „Бета“ рече дека Србија згрешила што ја признала Македонија под уставното име, бидејќи Македонија ја признала независноста на Косово. Дачиќ рече дека во билатералните односи со Скопје ќе го употребува уставното име, но дека мултилатерално ќе ја користи скратеницата БЈРМ, која ја употребуваат ЕУ и ОН.

Во меѓувреме, српското јавно претпријатие „Путеви Србије“ за „Мета“ соопшти дека референцата БЈРМ се користи веќе цел месец и оти системот за наплата е во фаза на тестирање. Тие истакнаа дека од утре, наместо „Владичин Хан – граница са БЈРМ“, на сметките ќе стои релација Левосоје – Прешево.