fbpx

Д-р Андоновски за загадувањето: Шетајте по планини, вежбајте и јакнете го имунитетот

-

Аерозагадувањето е проблем број еден во моментов – граѓаните секојдневно реагираат на социјалните мрежи, укажуваат на големото присуство на ПМ 10 честичките и постојано бараат начини како да се заштитат од отровите што ги дишат. Д-р Ангелчо Андоновски, директор на Институтот за белодробни заболувања „Козле“, каде во моментов лежат 70 деца со респираторни заболувања, препорачува во вакви ситуации родителите да го зајакнуваат имунитетот на децата и да се внесуваат доволно течности за да се потпомага организамот во чистењето од штетните материи. Не препорачува децата постојано да носат заштитни маски.

Ова е период кога сите зборуваат за аерозагадувањето, кое е енормно, особено во Скопје. Како да се заштитиме?

Загадувањето на главниот град е проблем кој трае повеќе од една деценија. Нормално е дека, според препоракитe, треба да се изнајде трајно решение за овој проблем со помош на модерната технологија. Сите знаеме дека Скопје е котлина и таквата положба доведува до додатно проблематизирање на состојбата. Препораките од наша страна се постојани, гледаме што почесто да сме застапени и во медиумите за да можеме да помогнеме. Она што би се кажало како совет за сите, но посебно за родителите, е постојано да  работат на подобрување на имунитетот на детето, а и да биде застапена физичка активност и да се настојува што почесто да се оди на планина на поголема височина каде концентрацијата на кислородот е поголема. Со тоа ќе се помогне на белодробието да ги извентилира наталожените отровни честички.

Исто така треба да се обрне внимание и да се зголеми внесот на течности т.е рехидратација на целиот организам,  која дополнително помага во целиот детоксикациски процес. И здрава исхрана е битен момент и треба да се применува постојано.

Децата се најмногу на удар кога станува збор за респираторните проблеми во овој период од годината. На што треба да се обрне внимание при изборот на заштитни маски за нив, какви треба да се тие?

Овој период е најтежок за детската популација, белодробните заболувања во овој период од годината се секогаш проблем број еден. Заштитните маски се само еден мал сегмент како заштитен момент, но секако треба да знаеме дека постојат различни квалитети кај овој вид заштита. Маската треба да се става само доколку има потреба детето да излезе надвор во време на најголемо загадување на воздухот. Во спротивно не се користат. Децата не можеме да ги чуваме во стаклено ѕвоно, туку напротив, секој момент треба да се поминува на чист воздух, за да можат преку играта и прошетката да зацврстат одбранбениот механизам на нивното белодробие.Другите начини веќе ги напомнавме, само ќе потенцирам дека тоа треба постојано да се прави.

ПМ 10 честичките прават хемиска дразба, а со самото тоа и доаѓа до ерозивни промени на белодробието. Toj период на нивно штетно дејствување вообичаено е подолг, па проблемите ги регистрираме побргу главно кај човек чиј организам не е заштитен. Ларингитите, перзистентната кашлица, појавата на бронхити и бронхиолити, па и пневмониите се резултат на подолготрајна изложеност на кревок детски организам, кој не е доволно заштитен. Затоа, родителите треба да ги почитуваат дадените препораки.

Колку дечиња во моментов се хоспитализирани во болницата и со какви дијагнози се тие?

Во моментов болницата има хоспитализирано 70 деца. Тоа е очекувана бројка во овој период, а расте постојано од самиот старт на учебната година. Од патологијата која перзистира, сè во границите на очекуваното. Дополнителните и посебните патолошки промени кои ги очекуваме од овој период на загадување на воздухот ќе следат допрва.

Инаку, 80 отсто од севкупната детска патологија отпаѓа на белодробните заболувања – воспаленија на горните и долните дишни патишта. Ние сме на врвот на задачата и целиот тим подготвено се справува со сите пациенти кои ќе пристигнат во болницата и ќе побараат помош од нас.

Што сметате дека треба да се направи за да се намали аерозагадувањето? Кои се вашите препораки?

Нашите препораки како лекари можат да бидат само во правец на совети – што треба да се прави и следи како протокол за да ги избегнеме несаканите последици од самиот процес на загадување на воздухот. Треба да се пронајдат дивите загадувачи на воздухот, да престане со неконтролираното топење акумулатори и други канцерогени материјали, да се расчистат градежните чепови кои го сопираат течењето на природните воздушни маси, а и секако решавањето и барањето на алтернативните и евтини начини на загревање на нашите домови. Мора да се спомене и социјалниот момент кај нас, кој е прилично на ниско ниво, па поради тоа горењето гуми, нафтени деривати со голем вискозититет е рак-рана која ни прави толку големи контаминации, а воедно и проблеми.

Уште еднаш апелирам до родителите, заедно со нивните деца да одат на места со голема концентрација на кислород, да се хранат правилно, да имаат физичка активност и да внесуваат течности во поголемо количество. Оти тоа е единствениот начин да се сопрат несаканите последици врз здравјето.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изложба „Уметници и бегалци“ во Чифте Амам

Изложбата „Уметници и бегалци“ ќе се отвори во вторник (2 aприл) во Националната галерија Чифте Амам во скопската чаршија. Делата на изложбата се инспирирани од сведоштва кои биле директно раскажани...