Членството во НАТО е тест за македонскиот БДП (инфографик)


       
Скопје, 24 септември, 2018 - 11:01 (META) 

Какви економски придобивки можат да очекуваат македонските граѓани од евентуално зачленување на нашата земја во НАТО, колку пари потроши Македонија за модернизација на АРМ и воведување на НАТО-стандардите во изминативе години и колку ќе троши во иднина се прашања што заслужуваат внимание со оглед на тоа што на референдумот закажан на 30 септември ќе се одлучува за прифаќање на Договорот со Грција и зачленување во ЕУ и НАТО.

На прашањето какви директни финансиски придобивки би добила Македонија доколку стане рамноправна членка на НАТО, од Министерството за одбрана велат дека според кампаративните анализи, придобивките во други земји по зачленувањето во НАТО биле во правец на забрзување на економскиот пораст и зголемување на странските инвестиции.

– Во 2004 година при влезот на Естонија во НАТО растот на БДП во оваа земја изнесувал 6,2 отсто, а веќе во следната 2005 година пораснал на 9,3 отсто, а во 2010 се зголемил на 10,2 отсто. Во 2004 година при влезот на Латвија во НАТО порастот на БДП во оваа земја изнесувал 8,3 отсто а веќе во следната 2005 пораснал на 10,6 отсто, а во 2006 година се зголемил на 11,8 отсто. Исто така во Естонија странските директни инвестиции тројно се зголемиле благодарение на позитивниот ефект врз економијата што го има членството на земјата во НАТО, од 968,5 милиони евра на 3,1 милијарди евра странски инвестиции по зачленувањето во НАТО. Црна Гора за првите шест месеци оваа година бележи двојно поголем пораст на инвестициите од земјите членки на НАТО, што се должи на зацврстувањето на безбедноста и стабилноста по влезот во НАТО – велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека членството во НАТО позитивно влијае и на кредитиниот рејтинг на земјата односно за подобри услови за економски пораст и развој.

Во однос на трошоците, од Министерството за одбрана информираат дека во периодот 2008-2018 година за модернизација на армијата се одвоени вкупно 5,2 милијарди денари или околу 85 милиони евра. Надлежните прогнозираат дека во иднина Македонија ќе настојува да одвојува до 2 отсто од БДП за одбраната.

– На Самитот на НАТО во Велс во 2014 година, дадена е препорака земјите членки до 2024 година да ги зголемат трошоците за одбрана на ниво од 2 отсто од БДП со цел да ги исполнат своите цели за развој на одбранбените способности. Воедно земјите членки се заложија, да ги зголемат своите годишни инвестиции за опремување и модернизација на 20 отсто или повеќе од вкупниот трошоци за одбрана. Во Стратегискиот одбранбен преглед, проекцијата на одбранбениот буџет е во насока на заложбите за издвојување до 2 отсто од БДП за одбраната до 2024 година, што ќе се постигне со постепено годишно зголемување на буџетот од 0,2 процентни поени од БДП. Во рамките на тие средства, 20 отсто од буџетот во одбраната ќе бидат издвоени за модернизација – велат од министерството.

На прашањето во колку мисии на НАТО досега учествувале македонски војници и кој плаќа за нивниот ангажман од Министерството за одбрана велат дека досега македонските војници зеле активно учество во операцијата ISAF во Авганистан (од 2002 до 2014 година) и операцијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан од 2015 година наваму.

– Во моментов во операцијата „Одлучна поддршка“ министерството за одбрана ги покрива трошоците за плати и надоместоци, додека останатите трошоци како што се транспорт, исхрана, сместување и останати логистички трошоци се регулираат со билатерални договори со земјите предводници во мисијата – велат од Министерството.