Македонија и Црна Гора имаат идентични надворешно-политички цели и треба да се фокусираат на нивна реализација преку интензивна меѓусебна соработка на билатерален и регионален план, било заклучено на денешната средба меѓу македонскиот претседател, Ѓорге Иванов и министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ кој е во официјална посета на земјава.

Иванов посочил дека членството на Македонија во Европската Унија и во НАТО е од клучно значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион и го нагласил интересот за интензивирање на политичко-безбедносната соработка со Црна Гора во контекст на членството во НАТО.

– Евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој. Потребна е јасна перспектива за приклучување кон ЕУ и силна поддршка за забрзување на НАТО интеграцијата на Република Македонија – порачал Иванов на средбата и го поздравил „позитивниот извештај на Европската комисија и охрабрувачките пораки од високи претставници на ЕУ во однос на лојалноста на Црна Гора во зачувувањето на заедничките европски вредности“.

Шефот на црногорската дипломатија, Срѓан Дармановиќ истакнал дека еден од приоритетите на Црна Гора, како иден претседавач со Јадранската повелба, ќе биде поддршка за НАТО интеграциите на Македонија.

Иванов и Дармановиќ, како што информираат од кабинетот на претседателот, размениле мислења и за актуелните политички случувања во Македонија и во Црна Гора, како и за состојбите во регионот и Европа.