fbpx

Чие било увото и кој му наредил да слуша?

-

Премиерот Никола Груевски вчера, во обраќање пред јавноста, имаше обемно, жестоко и контроверзно објаснување на случувањата во аферата „Пуч“ и на нејзиниот, можеби, главен атрибут – прислушувањето телефонски разговори.

Наводите на премиерот (кои подолу ги пренесуваме во целост) за странската служба која стои зад снимените разговори, за начините на кои е тоа направено и за упадот во безбедносниот систем, предизвикаа, исто така, жестоки реакции.

Универизитетскиот професор Стефан Буџакоски, во врска со овие наводи, но и со целокупната атмосфера што владее во државата, вели дека тоа што странски разузнавачки служби прислушуваат не е никаква новина, туку повеќе загрижува упадот на партиите во домашниот безбедносен систем, нивната поделеност и дејствување за свои интереси, кои не се во полза на државата.

– Во Македонија се случува вторпат да се изнесуваат прислушувани разгвори во политички цели, што не е добро. Не мислам дека станува збор за упад во безбедносните служби од страна, туку ние, низ годините, не дораснавме да го користиме безбедносниот систем во служба на граѓаните. Одговорноста е и кај политичките лидери, независно дали се во опозиција или позиција, кои треба да ги остават службите да си ја работат својата работа. По последните случувања, партиите мора да седнат на маса и да изградат кодекс на политичко однесување, во кое главниот интерес ќе им биде Македонија – вели Буџаковски.

Неговиот колега Владимир Пивоваров, пак, со резерва ги гледа наводите за инволвираност на странски служби во аферата со прислушувањата.

– Ние не знаеме дали е така. Такво нешто мора да се докаже. Доколку странска држава, преку своја разузнавачка служба презела такви работи, тоа би предизвикало дипломатски скандал од огромни размери и би биле сведоци на фрчење од демаршови до протерување на дипломатски претставници. Од друга страна, цел на странски служби се мала група лица кои им се од интерес по разни основи, а овде, според едни извори, се зборува за прислушување на 20.000 луѓе – вели Пивоваров.

За мобилната опремата која наводно се користела, професорот вели дека доколку имало клонирање на базните станици, мобилните оператори тоа сигурно ќе го забележале и морале да го пријават.

– Се зборува за движење на таа мобилна опрема во центарот на Скопје, но што е со базните станици надвор од главниот град. Такво следење на комукациите е изводливо, но не и безбедно во смисла дека не може да се открие. Мобилните оператори би го забележале тоа преку промени во сигналот и за тоа, по законска должност, морале да ги известат службите – смета Пивоваров.

За времето кое се сугерира, дека прислушувањето траело неколку години, тој вели дека ако е така, тогаш службите „не ни се швајцарско сирење, туку гола вода“.

– Службите посветуваат големо внимание на превенирање вакви активности, а тоа го прави и нашата. Но, ако вака се прислушувале највисоките државни функционери, тогаш безбедносниот систем ни е гола вода. Претставниците на највисоките државни органи по сите безбедносни параметри користитат кодирани телефони со посебна енкрипција. Јас сум користел таков додека извршував функција во безбедносниот сектор. Но, тука има и еден друг проблем што ние сите се фаќаме за техничкиот апсект на прислушувањето, но не и на содржината на разговорите, кои, можеби не директно, но индиректно даваат индиции за можни сторени кривични дела – вели Пивоваров, додавајќи дека со самото изнесување детали од правосудна постапка од страна на претставник на извршната власт, говори дека во држвата е погазена правната наука и целиот правен систем.

ЕВЕ КАКО ПРЕМИЕРОТ ГО ОБЈАСНИ „ПУЧ“

– Според досегашните сознанија кои ги добив од МВР, зад снимањето стои странска разузнавачка служба чиј главен соработник во Македонија е лицето З.В., кој развил своја агентурна мрежа во Македонија. Во неговиот лаптоп, покрај останатите работи, пронајдени се и транскрипти од телефонски развори преведени на англиски, пред кои стои опис на имињата на лицата што го водат разговорот и нивните меѓусебни релации, а, исто така, во материјалите има и политичка анализа. Според овие информации и според други со кои располагаат институциите и кои се обезбедни во процесот, јасно е дека материјалот бил наменет за надворешни лица кои не го разбираат македонскиот јазик и кои не доволно добро ги знаат политичките и други јавни личности во Македонија. Да се опише кој со кого зборува, какви фунакции имаат и кои се нивните меѓусебни односи за нарачателот да има целосна и јасна слика, со анализа поткрпена со транскрипти од конкретни разговори од истакнати личности од политичкиот живот. Дел од материјалот пронајден кај З.В. бил пронајден и во компјутерот на неговата сoпруга, која го користела на нејзиното работно место, во една финансиска организација, сопственост на приватна компанија од една соседна држава. За тоа дали З.В. и неговото семејство имале одредени незаконски дејства, укажуваат нивните панични реакции – со секира да го скршат компјутерот, низ прозор да ги фрлаат мобилните телефони во кои испраќањето пораки било со шифри со комбинација на броеви и за нивната инволвираност, прибавените докази МВР ги достави во обвинителството и ќе бидат презентирани пред судот.

             Kоj ги снимал разговорите? 

Откако Зоран Заев ми ја упати заканата, МВР реагираше и регистрираше два начини на кои се снимани разговорите.

Првиот: Според сведочењето и признанието пред истражните органи во правосудната постапка на двајцата од притворените, лицето З.В. врбувало две лица кои му помогнале во снимањето на материјалите, за што добиле паричен надомест. Двете лица го признаа делото пред истражните орагани, од кои едното е веќе осудено. Лицето Ѓ.В., кое, патем, во времето кога З.В. извршувал висока функција, бил негов прв соработник, откако се соочил со доказите на МВР и на обвинителството, го признал делото, признајвајќи дека како познаник и соработник на З.В., на негово барање го врбувал З.К., вработен во УБК, кој е најискусниот инженер во МВР и во УБК и кој работел на опремата за следење комуникаци што се користи само во законска постапка. Тој му кажал дека на З.В. му се потребни снимени материјали за нивно давање на странска служба, а заради нејзини потреби – за следење на политичките и општите состојби во Македонија, а за тоа му била ветена и повеќепати била реализирана парична награда. Материјалите биле доставувани до трет фактор заради анализа и други дејства. З.К. ја прифатил незаконската понуда и нелегално ги приклучувал на снимање сите броеви кои доаѓале како нарачка од З.В., а со посредство на Ѓ.Л. Снимените материјали ги предавал на Ѓ.Л. а овој на З.В., за што следувала паричната награда. И двајцата пред истражните органи изјавиле дека биле убедени дека снимените материјали ќе завршат само кај странска разузнавачка служба и нема да бидат објавени јавно, што им влеало надеж дека никогаш нема да бидат разоткриени. Кај двете лица по извршените претрес и проверки, најдени се материјални докази за истото и поголеми кличества пари и акции. Во претресот на лицето З.К., пронајдени се и цедиња со снимени разговори и тоа е пронајено токму во неговата канцеларија. Снимањето, според нивните искази, почнало во 2010 година.

Вториот начин е со т.н. тактичка опрема. Откако Зоран Заев почна да ги упатува заканите кон мене, МВР покани врвни експерти за оваа проблематика од позната странска компанија, која со своја опрема изврши проверки и утврди дека повремено на различни локации, главно во центарот на Скопје, непознат сторител врши нелегално прислушување и снимање на телефоснки разговори, користејќи мобилна опрема чија локација постојано се менува, а функционира по принцип на клонирање на т.н. базни станици. Се правела промена на положбата, а во радиус од околу два километри од институциите, главно во центар, од каде се лоцирале телефоните на државниот врв и носителите на јавни фукции. И таа опрема ја вклучувале во одреден период од денот, најчесто од 12 до 18 часот во текот на денот. МВР за ова има и писмен извештај за наодите од нивната работа, но досега не успеа да ги лоцира сторителите, заради што истрага за ова сè уште не е завршена. Она што беше посочено е дека нивната анализа укажува дека оние што го обавуваат снимањето со мобилна тактичка опрема се професионалци од висок калибар, високо обучени за такви дејства. Да сумирам. Во изминатиот период Македонија била цел на снимање на телефонски разговори на странска разузнавачка служба, потпомогната од нивните соработници во Македонија. Во еден момент, некаде кон средината на 2014 година, за овие материјали се информира и Зоран Заев за да бидат објавени во јавноста и да биде исполнета одредена цел на странската служба, која е нарачател и финансиер на оваа операција.

             Дали безбедносниот систем е под сериозна закана и е провален?

Како и во секоја друга држава, такви обиди постоеле и ќе постојат и сите земји се соочуваат со тоа и работат на превенирање. Државата се грижи за функционалноста на безбедносниот систем и најдобар одговор на ваквиот вид обиди е токму оваа рекација на институциите и покренување на процесните дејства за расчистување на околностите на овој случај. И во Германија, па дури и во Америка имаше ваков пробив на безбедносниот систем. Ние реагиравме соодветно и лицата кои го направија ова се фатени.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...