Четири лица под истрага во Прилеп за кривично дело насилство


       
Прилеп, 5 ноември, 2018 - 11:36 (META) 

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица, поради постоење основано сомнeние дека сториле кривично дело насилство.

Лицата се осомничени дека на 3 ноември во Прилеп, во присуство на голем број граѓани, ја загрозиле сигурноста и нанеле тешки телесни повреди на двајца оштетени. По претходна вербална расправија помеѓу оштетените и еден од осомничените, тој телефонски ги повикал останатите осомничени и со патничко моторно возило марка „Лада” започнале да ги бараат оштетените низ градот.

„Откако ги пронашле, се симнале од возилото и се упатиле кон оштетените. Сите четворица започнале да ги удираат оштетените лица по главата и телото. Притоа на едниот оштетен му нанеле животно загрозувачки повреди како последица на кои тој е неконтактибилен и се одржува во живот со помош на апарати, додека на второто нападнато лице му нанеле телесни повреди изразени со набиеници по главата и телото. Со ваквите дејства осомничените во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“, се вели во соопштението на Основно јавно обвинителство.

Со оглед на тоа што надлежниот обвинител процени дека за тројца од осомничените постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и основан страв дека ќе ја попречуваат кривичната постапка и ќе влијаат врз сведоците, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп беше доставен и предлог за определување мерка притвор за овие лица.