!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Чавков: Пратениците утре ќе имаат непречен пристап во Собранието


       
Скопје, 20 март, 2017 - 17:01 (META) 

Утре пратениците ќе имаат безбеден и непречен пристап во парламентот, вели за „Дојче веле“ директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков.

Утре, во 12 часот, во Собранието треба да се одржи координација на парламентарните политички партии за формирање на Комисијата за избори и за именување, како основа за продолжување на конститутивната седница за избор на претседател на Собранието.

Утре напладне во земјава доаѓаат и еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн. По тој повод, членовите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ најавија масовен протест.

– Во МВР функционира штаб кој непрекинато заседава и ги следи сите информации. Полицијата презема оперативни планови во согласност со тие информации и безбедносни проценки. Врз таа основа ги димензионираме персоналните капацитети и материјално-техничките средства – изјавил Чавков.

На прашањето дали полицијата гарантира дека пратениците нема да бидат оневозможени да влезат или да излезат од Собранието, со оглед на разни најави дека учесници во протестот ќе ги блокираат приодите во законодавниот дом, Чавков бил дециден: „Сигурно е дека пратениците ќе имаат безбеден и непречен пристап во парламентот!“

Според „Дојче веле“, средбите на еврокомесарот со лидерите на партиите ќе почнат во 12.40 часот.

Првата средба ќе биде со лидерот на ДПА, потоа со Беса во 13 часот и со Алијанса за Албанците од 13.50 часот. Средбата на Хан со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е планирана за 14.55, со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во 16.10 часот, а со претседателот, Ѓорге Иванов, во 17.45 часот. Потоа е предвидена средба на Хан со претседателот на Собранието, доколку биде избран дотогаш. Последната средба во 20.15 часот ќе биде со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по што во 21.45 часот еврокомесарот ќе даде изјава за медиумите.