!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Часовникот за повлекување на штетните одлуки отчукува, велат аналитичарите


       
Скопје, 5 мај, 2016 - 15:56 (META) 

Назначувањето на германскиот амбасадор во Австрија, Јоханес Хајндл, за специјален посредник за решавањето на политичката криза во Македонија е уште еден показател за сериозноста на ситуацијата, сметаат македонски политички аналитичари.

Според програмскиот координатор за демократија и владеење на правото при Институт за европска политика (ЕПИ) – Скопје, Александар Јованоски, интересно е што Германија, која е предводник на Европската народна партија (ЕПП) на ниво на ЕУ, беше користена како модел на демохристијанска опција во внатрешната политика на Македонија.


Александар Јованоски– Доколку се анализираат неговите функции и имајќи предвид дека бил претседател на Комитетот за политика и за безбедност на Европската Унија, неговиот ангажман добива смисла. Неговиот ангажман, усогласен во рамки на канцеларијата на канцеларката Меркел, имај јасна порака! – вели Јованоски, додавајќи дека е прерано да се коментира улогата на Хајндл. Сепак, смета тој, дипломатската заднина на германскиот дипломат е знак дека часовникот за повлекување на одлуките штетни за Договорот од Пржино отчукува.

Јованов вели дека имплицираноста на Хајндл значи и повисоко влијание на канцеларијата на Фредерика Могерини, која е единствената личност што ги усогласува ставовите на земјите членки при сериозни кризи, надвор од секој процес на пристапување.

– Веќе е јавна тајна дека политичките партии, особено имплицираните, имаат рок за договор. Сепак, ја користам можноста да потсетам дека сите одлуки се носат во името на сите граѓани на државата. Доколку не се свесни, ние сме тука да ги потсетиме – вели Јованоски.

Политичкиот аналитичар Сашо Ордановски смета дека назначувањето на Хајндл значи дека Берлин се обидува да ги прескокне компликациите, кои се дневна реалност во функционирањето на Европската комисија и во ресорот на Хан.

ordanovski 2– Се покажа дека тие компликации се подложни на разно-разни влијанија, кои тука процесот на преговори го прават валкан, неизвесен, го прават подложен на одредени капацитети на власта, од финансиски до оние за притисок, побрутален итн. Мислам дека тоа говори дека е дојдено време, Берлин проценил, заедно со САД, бидејќи ова е дефинитивно во договор со Американците, дека треба да се подигне процесот на едно поефикасно ниво, повисоко, секако, и за релативно кратко време да се постигнат некакви решенија, кои ќе претставуваат враќање на демократијата и на законот во Македонија – вели Ордановски.

Тој оценува дека во наредните неколку недели ќе се добие прецизна слика и план како ќе се излезе од кризата.

– Очекувам, исто така, тој план да не биде многу поинаков од заложбите штодосега ги предлагаше Европската комисија, која не беше доволно моќна да инсистира во нивното спроведување. Секако, повлекување на аболицијата, секако, одложување на овие избори за кои не сме спремни како држава, секако, воведување некаква форма на владеење која ќе подразбира слободна работа на Специјалното јавно обвинителство и некаков зачеток или конзервирање на институциите во Македонија, да не се деградираат повеќе од тоа што веќе се деградирани и да почнат евентуално да застануваат на поздрави нозе во очекување на политичка разврска што ќе овозможи комплетна нивна реставрација – смета Сашо Ордановски.