Чакаровски: Ќе се усогласиме, вакцинирањето нема да биде услов за упис во училиштата


       
Скопје, 23 април, 2018 - 14:59 (META) 

Министерството за здравство нема да бара вакцинирањето да биде услов за упис во училиштата. Во постојан контакт сме со Министерството за образование, ќе ги усогласиме ставовите. Не е точно дека работиме на тоа дека децата нема да се запишуваат во градинка или во училиште ако не бидат вакцинирани. Ќе работиме на тоа на родителите кои се скептични да им укажеме дека кај нив не треба да постои страв дека вакцините се небезбедни.

Ова го изјави денеска заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски, пред почетокот на одбележувањето 65 години од основањето на Институтот за белодробни заболувања кај децата, во Козле.

Иако нагласи дека индивидуално право е на секој родител да одлучи дали ќе го вакцинира своето дете, напомена и дека како Министерство за здравство мора да водат сметка за колективната безбедност, бидејќи, како што посочи, едно невакцинирано дете, а инфицирано може да биде причина за инфективно заболување кај многу дечиња.

– Ќе ги убедиме родителите дека ќе увеземе најквалитетни вакцини. Наша работа е да ги увериме дека вакцинирањето на детето е позитивна работа – рече заменик-министерот за здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче во саботата рече дека вакцинацијата ќе биде задолжителна за упис во училиште и во градинка. По бранот бурни реакции на социјалните мрежи, излезе со нов став, објаснувајќи дека може да биде оставено да решаваат родители, но со тоа се загрозува колективниот имунитет.

Според Законот за заштита на населението од заразни заболувања, имунизацијата е задолжителна, а според членот 67 од законот, родителот што нема да дозволи неговото дете да се вакцинира, ќе биде казнет со парична казна од 300 до 650 евра.

Според член 46, став 2 од Законот за основно образование, пак, образованието исто така е задолжително, односно секое дете има право на образование, но наведува и дека кога детето се запишува во училиште треба се да приложи потврда дека е вакцинирано.