!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Бушати и Мета ја поздравија платформата на албанските партии во Македонија


       
Тирана, 9 јануари, 2017 - 11:58 (META) 

Албанските власти ја поздравија заедничката платформа на албанските партии во Македонија, јавува дописничката на „Мета“ од Тирана.

Шефот на албанската дипломатија, Дитмир Бушати, оцени дека тоа е договор за посилна и подемократска Македонија, додека претседателот на албанскиот парламент, Илир Мета, смета дека договорот позитивно ќе влијае на меѓуетничките односи во земјата.

Албанскиот премиер Еди Рама во саботата, по објавувањето на платформата, изјави дека тоа е историски чекор.

„Историски чекор за изразување на волјата на Албанците во Македонија. За правата на Албанците, а не преговори за владини фотелји“, напиша Рама на својата страница на „Фејсбук“.

Лидерите на албанските политички партии од Македонија, по предвремените парламентарни избори одржани на 11 декември минатата година, двапати беа на разговори со Рама во Тирана, а потоа и со косовскиот претседател Хашим Тачи. По средбите со Рама и со Тачи произлезе заедничката платформа на албанските партии во Македонија, која ќе биде основа за преговори за формирање нова влада.