!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Бушати и Димитров договорија заедничка владина седница наесен


       
Тирана, 25 јули, 2017 - 14:22 (META) 

Албанија и Македонија немаат отворени прашања, истакнаа на заедничката прес-конференција во Тирана министрите за надворешни работи на двете земји, Дитмир Бушати и Никола Димитров, и додадоа дека ќе работат на подобрување на соработката, која е клучна за евроатлантските интеграции.

Бушати и Димитров најавија дека наесен во Подградец ќе се одржи заедничка седница на двете влади, на која ќе се разговара за заеднички проекти.

Албанскиот министер за надворешни работи, Бушати, рече дека официјална Тирана сака добри односи со Македонија, бидејќи таа претставува важен сосед за Албанија.

– Во минатото имаше некои заблуди во врска со нашите ставови. Македонија е важен сосед за нас и демократската стабилност, меѓуетничката хармонија, особено меѓу македонската и албанската заедница, се од исклучително значење и за Македонија и за Албанија, но исто така и за стабилноста на целиот регион и за неговата европерспектива – рече Бушати.

Тој, исто така, истакна дека Македонија може да смета на поддршката од Албанија за членство во НАТО.
– Албанија не сака и нема да биде пречка за која било земја во нејзините евроатлантски аспирации. Тирана е многу заинтересирана за стабилност на Македонија и на регионот – рече Бушати.

Димитров, од друга страна, истакна дека со својот албански колега се согласиле да направат повеќе од само политички изјави и да се интензивира соработката преку конкретни проекти. Тој истакна дека новата владата работи забрзано на усвојувањето на законот за употреба за јазиците, бидејќи тоа е во интерес не само на Албанците во Македонија туку и на стабилноста на целата држава.

– Оваа влада има заложба да стори сѐ што е во корист на нашите сограѓани Албанци, но и на оние што се припадници на другите етнички заедници во согласност со Уставот на Македонија. Овој процес не само што не се забавува, туку работиме да го забрзаме. Имплементацијата на Рамковниот договор и овој закон се во интерес на Македонија бидејќи нашата визија за Македонија е колку повеќе сите ја чувствуваат државата како своја толку сме постабилни. Затоа на овие прашање гледаме како на прашања што не се во интерес само на нашите сограѓани Албанци, туку како на прашања што се во интерес на целата држава – изјави Димитров.

Шефот на македонска дипломатија во текот на посетата на Тирана ќе има средби и со албанскиот премиер, Еди Рама, и со претседателот на Република Албанија, Илир Мета.