Бушати ги повика Албанците кои живеат во Македонија да го поддржат референдумот


       
Скопје, 13 септември, 2018 - 15:06 (META) 

Апелирам на сите граѓани на вашата земја, особено на Албанците кои живеат тука да дадат поддршка на историскиот Преспански договор, затоа што тој има исклучително значење за демократската стабилност на регионот, изјави денеска шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати на прес-конференцијата со неговиот македонски колега Никола Димитров.

– Сите се согласуваме дека Албанците кои живеат во Македонија ќе бидат огромни поддржувачи на процесите кои течат и уште еднаш сакам да апелирам да излезат масовно да учествуваат во изградбата на иднината и на подобар живот тука. Во оваа насока ќе продолжиме блиско да соработуваме со цел да создадеме што подобра и поинклузивна средина – рече Бушати.

Во однос на македонското малцинство во Албанија, Бушати рече дека се направени чекори напред со новиот Закон за малцинствата, со што, истакна тој, македонското малцинство е признаено како едно од малцинствата што составуваат поширок мозаик на малцинства во Албанија.

Во однос на положбата на Албанците во Македонија, Бушати рече оти тука има подобрена реалност, подобрена клима на соработка и на разбирање и подобра претставеност на Албанците, пред се, како што рече, преку позицијата претседател на Собранието и вицепремиер за европски прашања. Додаде оти очекува Законот за јазици што побрзо да стапи во сила.

Ја повтори поддршката што Албанија како членка на НАТО и ја дава на Македонија, и оти 2019 е многу значајна година за Македонија и ЕУ.