!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Бугарија сака да го забрза издавањето пасоши за 53.000 Македонци


       
Софија, 20 септември, 2017 - 13:33 (META) 

Имаме 53.000 поднесени барања со приложени потребни документи од граѓани на Македонија што не можат да станат бугарски државјани поради одредени недостатоци во законодавната база, рече бугарскиот заменик-премиер Валери Симеонов вчера, за време на тркалезната маса на тема „Демографска политика и трудова мобилност“, организирана од бугарската влада, јавува бугарската агенција БГНЕС.

Тој истакнува дека во моментов процедурата за добивање бугарско државјанство трае две до три години, а некогаш и подолго, и дека една од целите на бугарската влада е скратувањето на рокот за добивање бугарско државјанство за Македонци до шест месеци.

– Нашата цел е периодот за добивање бугарско државјанство, кога сите документи се исправни, да го сведеме на шест месеци. Тоа е нормален рок, а од тие шест месеци, четири месеци и 17 дена ќе траат процедурите што се извршуваат во рамките на извршната власт. Останатото време ќе биде за да може потпретседателот да го потпише соодветниот указ за барателот на државјанство. Но, таму работата се завлечкува, имаме проблеми поврзани со несовршеноста на законите – рекол Симеонов.

На трибината, пренесува БГНЕС, се зборувало и за олеснување на процедурата за добивање сина карта, која е наменета за привлекување висококвалификувани кадри во Бугарија.

Инаку, според напис на бугарски „Капитал“ од април годинава, во последните 15 години бугарско државјанство добиле 87.483 граѓани на Македонија. Вкупната бројка странци што го добиле државјанството во периодот од 15 години е 132.020 лица.