Британските власти и дозволиле на „Гама Груп“ да ѝ продаде опрема за следење на Македонија


       
Скопје, 20 декември, 2017 - 15:15 (META) 

Владата на Велика Британија пред пет години ѝ дала дозвола на контроверзната британска компанија „Гама Груп“ да  ѝ испорача на Македонија софистицирана опрема за следење на комуникации, се вели во текстот на новинарката Тена Прелец за „Ал Џезеира“.

Текстот се повикува на документи добиени од британското Министерство за надворешни работи, преку слободен пристап до информации, кои покажуваат дека властите во Велика Британија ѝ дале извозна дозвола на „Гама интернешенл лимитед“ да и продаде шест „ловци на меѓународни мобилни претплатнички броеви“ (International Mobile Subscriber Identity – IMSI) на Македонија.

Набавката на опремата се случува во 2012 година, три години пред избувнувањето на аферата со масовното прислушување, што ја откри тогашниот опозициски, сега владејачки СДСМ преку т.н. „бомби“.

Иако е тешко да се утврди дали овие шест направи биле користени во незаконското прислушување, сепак, како што се наведува во текстот, има најмалку две причини зошто дозволата на британските власти за негова испорака во земјава е проблематична. Прво, во препораката за издавање на дозвола не е земена предвид сериозниоста на ситуацијата во Македонија, односно во неа се цитирани позитивните забелешки од извештајот од 2011 година на Европската Унија за напредокот на земјава, но, не се споменати наводите од извештајот во кои ЕУ изразува загриженост околу независноста на полицијата од Владата, како и слабата контрола на разузнавачките и на контра-разузнавачките служби.

Покрај тоа, не е обрнато внимание на досието на компанијата која аплицирала за дозволата. Имено, „Гама Груп“ е позната по својот контроверзен и високо интрузивен софтвер „ФинФишер“ кој го користат недемократски земји во светот и нивните репресивни тајни служби.

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) неодамна остро ја критикуваше компанијата, обвинувајќи ја за кршење на препораките за заштита на човековите права.

Британските власти тврдат дека нема ништо проблематично во дозволата за извоз на опремата.

Сепак, актуелниот министер за правда на Велика Британија, Дејвид Лидингтон, кој во 2012 година беше министер за Европа и кој бил лично информиран за издадената дозвола за „Гама“ одбил да го коментира случајот, а единствената изјава доаѓа од Министерството за трговија.

„Владата на Обединетото кралство ги извршува своите обврски околу контролата на извозот многу сериозно и оперира со еден од најробустните режими за контрола на извозот во светот. Ригорозно ја испитуваме секоја апликација од случај до случај во однос на критериумите на ЕУ и националното лиценцирање за извоз на оружје, Обединетото Кралство многу сериозно ги презема одговорностите за контрола на извозот и работи како еден од најсилните режими за контрола на извозот во светот. Ние ригорозно ја испитуваме секоја апликација од случај до случај во однос на критериумите за лиценцирање на ЕУ и националниот извоз за извоз на оружје, и врз основа на сите достапни информации“, соопштиле од британското Министерство за трговија.

Иронијата е, се наведува во текстот, во тоа што од една страна, Британија не се срами да извезува ваква опрема во земји со репресивни режими, а од друга нејзиното користење во Британија е многу контроверзна тема.

Британската полиција сè уште одбива да каже дали користи ваква опрема за следење на мобилните телефони.

„Постои уште еден парадокс – работата на британската амбасада во Македонија често се оценува од претставниците на граѓанското општество во земјата, како непроценлив сојузник во борбата за човекови права“, се наведува во текстот.

Инаку, од британската амбасада во земјава во врска со ова не упатија на одговорот што на почетокот на декември, оваа година за „Алсат М“ соопштиле дека дозволата на „Гама Груп“ немало да биде издадена доколку не биде исполнети критериумите и дека има можност за ревизија на дозволите.

„Овие одлуки не се донесуваат лесно. Било Македонија или било која друга дестинација, дозволата немаше да се даде доколку би се констатирало дека истата не би била согласно консолидираните критериуми. Ние го имаме и користиме механизмот за брз и флексибилен одговор во однос на брзите и динамични ситуации во меѓународен поглед. Ја имаме можноста за ревизија на дозволите, да ги прекинеме или да ги вратиме назад, ако е потребно или доколку тоа го бараат околностите“, велат од Амбасадата на Велика Британија.