This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sat Jul 22 6:43:53 2017 / +0000 GMT

Брисел не ја коментира „платформата на Груевски“: Не сме ја виделе и не шпекулираме




Европската комисија не сака да ги коментира барањата што ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достави до еврокомесрот за проширување и за добрососедска политика, Јоханс Хан, за време на неговата утрешна посета.

- Нема да шпекулираме или да коментираме партиски програми. Очекуваме наскоро да се формира нова влада, посветена на имплементирање на заостанатите реформи. Ќе продолжиме да инсистираме на имплементирање на сите делови од Договорот од Пржино. Тоа е клучно за да се врати земјата на патот кон ЕУ, нешто што нејзните граѓани го сакаат и го заслужуваат - велат за „Мета“ извори во ЕУ.

ВМРО-ДПМНЕ во петокот соопшти дека ќе побараат од Хан јавно да ја осуди тиранската платформа, ЕУ да се придржува до принципите што ги воспостави претходниот еврокомесар Оли Рен, односно победникот од македонскиот политички блок да коалицира со победникот од албанскиот блок, и да се одблокираат евроинтегративните процеси.

Во Брисел не сакаат да ја коментираат ниту изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека партијата подготвува политички документ – „платформа за зачувување на Македонија“.

- Не сме ја виделе и не сакаме да шпекулираме – велат претставници на ЕУ за „Мета“.

Груевски вчера во интервју за „Канал 5“ рече дека очекува следените денови политичкиот документ да биде финализиран и да им биде понуден на сите поголеми политички партии како решение за излез од политичката криза.

– Ние подготвуваме документ за зачувување на Македонија, тоа е политички документ кој ќе понуди начин за излегување од кризата. Преку негово прифаќање ќе се излезе од кризата, но нема да се наруши унитарноста на државата. Овој документ во текот на следната недела ќе биде понуден на сите политички партии и очекуваме од нив да го прифатат како излез од политичката криза – изјави Груевски.
Post date: 2017-03-20 16:43:45
Post date GMT: 2017-03-20 15:43:45
Post modified date: 2017-03-20 16:43:45
Post modified date GMT: 2017-03-20 15:43:45
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com