Брисел ќе забрани продажба на второкласни производи во Источна Европа


       
Брисел, 11 април, 2018 - 16:23 (META) 

Европската комисија подготвува предлог-закон со кој ќе се регулира различниот квалитет на навидум исти производи на пазарот во Европска Унија. На овој начин, потрошувачите ќе се заштитат од продажба на производи кои се рекламираат како исти, а имаат значајни разлики во составот и карактеристиките.

– На почетокот на мандатот, од Европска комисија ми рекоа дека се додека производот е сигурен за здравјето, проблем за нив нема. Како да ние треба да бидеме благодарни што нe нè трујат. За неколку години стигнавме до предлог-закон со кој треба да се регулира целиот пазар на Европска Унија – изјави хрватската европратеничка Билјана Борзан.

Овој законски предлог е дел од големиот пакет кој Европската комисија го подготвила за потрошувачите, а тој вклучува и закон кој го регулира правото на колективна тужба.

– Скандалот со „Фолксваген“ покажа дека европските купувачи останаа незаштитени, за разлика од американските. Во случај на двоен квалитет треба да се има можност за колективна тужба. Ако законот стапи на сила, тоа ќе значи дека еднаквоста на сите граѓани ќе се почитува – додаде Борзан.

Европска комисија предвдува 800.000 евра за истражување на квалитетот на производите кои се навидум исти.