Брисел ќе направи пауза – следниот извештај ќе биде во 2018 година


       
Брисел, 8 ноември, 2016 - 18:49 (META) 

Европската комисија утре ќе го објави извештајот за проширувањето на ЕУ и извештајот за напредокот на земјите од Западен Балкан, но следниот извештај, наместо догодина, ќе биде дури во 2018 година, јавува известувачот за „Мета“ од Брисел.

Неофицијално, во Европската комисија постои замореност од извештаите, особено имајќи предвид дека засега немаат преголемо влијание врз одредени земји, но и поради тоа што наскоро нема да има ново проширување на Унијата.

Поткрепа на ваквите тврдења е и несреќно избраниот датум за објавување на извештајот за напредокот на земјите од Западен Балкан, кој се совпаѓа со резултатите од претседателските избори во САД.

– Очигледно дека им е јасно дека извештајот кој за земјите е важен, нема да има некакво влијание поради тоа што нема проширување. Дури и во земјите од Западен Балкан, утре прва вест ќе бидат изборите во САД, а потоа извештајот на ЕК – вели изворот на „Мета“.

Од друга страна, дипломатите од Брисел велат дека причината не е замореноста, туку обид да се биде во иста линија со другите европски иницијативи.

По извештајот во пролетта 2018 година, таквите дикументи ќе се објавуваат секоја пролет, наместо како што беше досега – наесен.

Засега нема официјална потврда дека Европската комисија ќе направи исклучок и дека по изборите во земјава, следната година напролет ќе подготви посебен извештај за Македонија.