fbpx

Брексит може да се почувствува и во македонската трговија

-

Намалување на увозот и на извозот со Велика Британија е можна последица за македонската економија од излегувањето на оваа држава од Европска Унија. Но, генерално нема да има позначајни поместувања и негативни ефекти за македонското стопанство.

– Трговската размена со Британија не е мала. Британија последниве години е еден од најголемите трговски партнери на Македонија. Сепак, тоа е така поради една специфична компанија „Џонсон Мети“. Оваа компанија работи на тој принцип што увезува многу во Македонија, додава мала вредност тука, а потоа го извезува сето тоа. Затоа, слабеењето на фунтата, до кое дојде по Брексит, би можело да предизвика намалување и на увозот и на извозот, но тоа нема да значи промена на вкупниот трговски дефицит. Можно е да има одредени асиметричности, доколку извозот и увозот на оваа компанија не се во иста валута, бидејќи увозот доаѓа од Велика Британија, а извозот оди во Германија, но не верувам дека е така – вели економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека влијанието на Брексит за македонската економија многу зависи од следните чекори што ќе се преземат во однос на усогласување на сите детали и услови за излегување, како и од регулирањето на трговските договори со другите земји кои не се членки на Унијата.

– Сега е прашање дали и кога ќе се активира членот 50 од Лисабонскиот договор, кој го опфаќа процесот на одвојување од ЕУ кој би траел две години. Бидејќи Велика Британија е прва земја што ја напушта Унијата, засега не е докрај прецизирано и познато, и во рамки на ЕУ, какви сè импликации би можеле да настанат по оваа одлука – велат од Стопанска комора.

Оттаму додаваат дека ова не е едноставен процес, особено од економски аспект, бидејќи е поврзан со постигнување нови трговски договори и со начините за надминување на евентуалните нови тарифи и бариери, како и со слободното движење на стоки и на услуги.

– За бизнис-секторот е важно условите што ќе се дефинираат да не условат усложнување на воспоставените правила и принципи кои се пременуваа досега. Надворешно-трговската размена на Македонија со Велика Британија од 2001 година досега се одвиваше во согласност со Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и Европскaтa заедницa. Велика Британија е еден од главните трговски партнери, но и земја со посериозен обем на инвестиции во Македонија. Македонската економија, пак, е врзана за еврото, со што падот на британската фунта, која достигна најниска вредност во изминативе три децении во однос на американскиот долар, нема особено да се одрази на економијата генерално – додаваат оттаму.

Македонските компании очекуваат дека по падот на вредноста на фунтата, состојбата ќе се нормализира и дека нема да има позначајни поместувања и негативни ефекти по македонското стопанство.

Според Сојузот на Стопански комори (ССК), за нашата економија е важно каков економски договор ќе постигне Британија со ЕУ по официјалното излегување.

– Ова посебно се однесува на трговските односи на Германија со Британија, која извезува околу 100 милијарди долари годишно во Британија, а е наш најголем трговски партнер каде што реализираме 44 проценти од нашиот извоз – велат од ССК.

Вкупната трговска размена на Македонија со Велика Британија во првите четири месеци од 2016 година достигна вредност од 254,2 милиони долари, што претставува пад од 8,17 проценти во однос на истиот период од претходната година.

При тоа, остварен е извоз во вредност од 20,4 милиони долари или зголемување од 23, 4 проценти, додека увозното салдо изнесува 233,8 милиони долари или пад од 10,1 процент споредбено со истиот период од 2015 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Без ниту еден доказ се обвинува НАТО, ИСИС и Ал Каеда за петкратното убиство на Смилковско Езеро

Во објавата што ја рецензираме произволно се тврди дека ЦИА ја креирале Ал Каеда и ИСИС и дека НАТО стои зад масакрот на Смилковско Езеро. За ова не се...