Брегу: Проширувањето на ЕУ и поврзувањето на Балканот се зависни процеси


       
Брисел, 4 декември, 2018 - 16:46 (META) 

Мајлинда Брегу, новата генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС), која стапува на должност од идната година, укажа денеска на неопходноста од синхронизација на проширувањето на ЕУ со поврзувањето на Западен Балкан.

– Трансформацијата на Западен Балкан значи поврзување, односно интеграција на нашите економии во единствен пазар, поврзување на луѓето и заедничките вредности, поврзување на нашите заеднички политички, безбедносни и економски интереси. Мораме да се погрижиме нашите општества да станат поинклузивни. Сите заедно без исклучок треба да имаат полза од растот – додаде Брегу.

Брегу зборуваше на панел во рамките на 19. Самит што го организираат „Пријателите на Европа“, со помош на Европската комисија, на „Конрад Аденауер“, на РСС, на УНДП и на Командата на американските сили во Европа.

Самитот е всушност платформа на која се собираат креаторите на политиките од регионот и претставници на Европската Унија, земјите членки и други влијателни институции, а на кои се разговара за политички и економски прашања што се значајни за Западен Балкан.

Мајлинда Брегу е поранешна шефица на албанската дипломатија, а ќе ја преземе должноста генерален секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС) од досегашниот Горан Свилановиќ, на 1 јануари 2019 година.