fbpx

Бранимир Јовановиќ: Буџетот не е социјален, туку предизборен

-

Со новиот ребеланс на буџетот, кој изнесува нешто повеќе од 3 милијарди евра (највисок во историјата на земјава), имаме зголемување на приходите од 58 милиони евра, зголемување на расходите за 85 милиони евра, но и зголемување на буџетскиот дефицит од 327,5 милиони евра.

Во исто време, и проекцијата за економскиот пораст е намалена од 4 на 3,5 проценти. Со новиот ребаланс се предвидува и зголемување на позајмицата од домашните банки за четири пати повеќе во однос на претходно проектираното.

Расправата за ребалансот на буџетот во Собранието ќе биде утре.

Според министерот за финансии, Зоран Ставрески, „ребалансот не вклучува кратење на буџетите на ниеден буџетски корисник, туку претставува поместување на одредени позиции таму каде што, поради одредени политики, мерки и активности, треба да се додадат средства или каде што проектите се одвиваат подобро од што првично сме планирале“.

Според него, буџетот во првата половина од годинава е во добра кондиција и за околу 14 проценти се повисоки буџетските приходи во однос на истиот период од 2014 година.

За ова разговаравме со економскиот истражувач, поранешен аналитичар во НБМ, Бранимир Јовановиќ, кој од септември ќе работи на Универзитетот во Торино, Италија.

Дали е логично да се очекува зголемување на приходите, а од друга страна, да се проектира послаб економски пораст? 

– На прв поглед, се чини нелогично што со ребалансот се проектираат повисоки приходи при помал економски пораст. Меѓутоа, повисоките приходи се веќе остварени. Во првите 5 месеци од годината, буџетските приходи се повисоки од очекувањата за околу 3 милијарди денари, колку што отприлика изнесува корекцијата кај приходите во ребалансот. Ова, пак, се должи на три работи. Првата се повисоките приходи од данокот на добивка, поради укинувањето на ослободувањето од данок на добивка на реинвестираната добивка. Втората се повисоките приходи од социјалните придонеси, поради зголемувањето на максималната основица за пресметка на придонесите (беше шест плати, а сега е 12). Третата се повисоките приходи од акцизите, главно поради повисоката акциза на цигарите.

Предвидено е и четирипати поголемо задолжување кај домашните банки. Што би значело тоа за економијата и за поддршката на реалниот сектор?

– Тоа што се зголемува домашното задолжување, а се намалува странското, само по себе е позитивно. Нашиот банкарски систем има вишок на ликвидност, т.е. пари кои банките ги пласираат во благајничките записи и во другите инструменти на монетарната политика. Тоа се, всушност, пари кои лежат неискористени зашто економијата ни е таква што тие пари не се алоцираат кон продуктивни цели, делумно затоа што нема идеи за приватни инвестиции, делумно и зашто банките се премногу аверзни кон ризикот. Дополнително, со домашното задолжување, државата покажува дека има доверба во домашната валута. Конечно, со домашното задолжување се намалуваат и валутниот и каматниот ризик на долгот. Валутниот ризик се однесува на неочекувани промени во курсевите на валутите, како скокот на доларот и на швајцарскиот франк пред некое време. Каматниот се однесува на можноста да се зголемат каматите на меѓународните пазари на пари, поради затегањето на монетарната политика во САД. Она што е проблематично во целата приказна со задолжувањето е што тие пари нашата влада нема да ги потроши на продуктивни цели. Ќе ги потроши на повисоки плати на полицајците, на таблети, на фасади и на споменици. На ваквите трошења мора да им се стави крај.

Дали вака „скроен“, буџетот е развоен или социјален?

– За мене дилемата социјален или развоен буџет е лажна дилема. Социјалниот буџет е, всушност, развоен буџет. Не заборавајте дека сме рекордери во Европа по сиромаштија. Не заборавајте дека 180.000 лица во оваа држава живеат со само 40 денари на ден. А ова е така токму поради ниската социјална помош. Единствениот начин да се искорени ваквата екстремна сиромаштијата, која е погубна, е со повисоки социјални трошења. Тоа би довело до подобро искористување на човечките потенцијали, т.е. ќе се спречи пропаѓањето на човечкиот талент поради сиромаштијата. Тоа понатаму ќе доведе до повисок пораст и до развој. Но, проблемот со овој буџет е што со него социјалната помош, всушност, и не се зголемува, т.е. се зголемува само минимално. Овој буџет воопшто не е социјален. Тој е предизборен. Неговата цел е да се купат што е можно повеќе гласови сред длабока политичка криза и во пресрет на изборите догодина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел ја бомбардира Сирија, има над 40 жртви

Израел го бомбардираше регионот околу градот Алепо во Северна Сирија, пренесува Гардијан. Израелските сили таргетирале членови на либанската паравоена организација Хезболах. Има повеќе различни контрадикторни информации за бројот на убиени,...