fbpx

Бошњаковски: Примарна цел на Владата е да обезбеди двотретинско мнозинство

-

Собранието и сите политички партии треба да ја следат волјата на граѓаните искажана на референдумот. Процесот во моментот е во Собранието и интенцијата е да се обезбеди двотретинско мнозинство, изјави денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прес-конференција во Владата.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со информациите објавени во некои медиуми дека нема да има средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и оти ќе се оди на предвремени избори, владиниот портпарол рече дека примарна цел на Владата се разговорите со пратениците и да се обезбеди потребното мнозинство за уставните измени кои произлегуваат од Договорот во Преспа.

– Очекуваме дека пратениците од опозицијата ќе ја следат волјата на граѓаните. Тоа е примарна цел на Владата и оваа порака ја упатуваме и денеска. Немаме никаква дилема дека процесот во моментот е во Собранието и дека треба да се обезбеди двотретинско мнозинство за имплементација на Договорот со Грција и уставните промени – рече Бошњаковски.

Во однос на прочистувањето на Избирачкиот список тој вели дека се наследени повеќе проблеми и оти надлежните институции соодветно треба да ги адресираат и решаваат.

Бошњаковски посочи дека од 2002 година во Македонија немало попис и оти над 400 илјади граѓани не живеат во државата, а фигурираат во Избирачкиот список, што секако има импликации на сите изборни и референдумски процеси.

– Постојат повеќе сегменти што треба да се адресираат. Дел од нив се должност на Владата, а дел се должност на други институции. Во Македонија од 2002 година немаме попис, но во моментот течат подготовките во Државниот завод за статистика за одржување на попис. Наследени се повеќе проблеми што треба да се адресираат и да се решат. Свесни сме сите и дека над 400 илјади наши сограѓани не живеат во Македонија, а ги имаме на Избирачкиот список дека живеат во Македонија. И ова си има импликации на сите изборни и рефередумски процеси. Државната изборна комисија во наредниот период најверојатно ќе интервенира во однос на Избирачкиот список, меѓутоа сите институции треба соодветно да ги адресираат овие ситуации и да се решат – рече Бошњаковски.

Додаде дека не се работи за тоа дали има добра волја ова да се направи, туку дека тоа е прашање на време и приоритети.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОЛАФ бара Македонија да врати 22 милиони евра за проекти од 2016 до 2018 година

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара поврат на 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот од 2016 до 2018 година. Во 2019 година...