Бошњаковски: Нема да лицитираме со имиња се додека немаме нешто конкретно


       
Скопје, 5 јануари, 2018 - 12:35 (META) 

Се додека немаме нешто конкретно и специфично нема да лицитираме со потенцијални имиња, рече денеска на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски во врска со разговорите меѓу Македонија и Грција за решавање на прашањето за името.

– Во моментот не се разговара за потенцијално име туку интензивно работиме на градење на мерките на доверба. Сè што се случува изминатиот период е во таа насока. Владата очекува сите идни одлуки да бидат синхронизирани и во согласност од двете страни и ќе ја зацртаат предвидената динамика на евроатланските интегративни процеси на Македонија. Сега се гради довербата помеѓу двете влади, помеѓу институциите на двете држави која што потоа ќе се рефлектира и на граѓаните и на севкупната јавност – рече владиниот портпарол.

На прашањето дали Владата размислува да го смени името на скопскиот аеродром, Бошњаковски рече дека Владата јасно стои на ставот дека нема предрасуди да разговара за сите прашања и решенија кои што ќе значат унапредување на односите со Грција и кои се во интерес на граѓаните.

Владиниот портпарол исто така потврди дека премиерот Заев ќе учествува на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија каде што Македонија не учествувала од 2003 година.