Бошкоски: При апсењето, од полицајците слушнав „ова ти е поздрав од шефот“


       
Скопје, 3 септември, 2018 - 11:57 (META) 

Mногу ми е жал што се случи таков настан, настан што сакам да го избришам од мојата меморија, но еве со денешново судење ми се враќа како нова епизода од мојот живот, рече Љубе Бошкоски на денешното рочиште во Кривичниот суд, на кое се сослушува во својство на сведок.

Одговарајќи на прашање од обвинителот на СЈО, Љубомир Лапе, Бошкоски рече дека на 6 јуни 2011 година, ден по изборите, бил повикан од негов пријател во ресторанот „Воденица“ за да решат должничко-доверителски односи што ги имале од претходно.

Кога го завршил разговорот со тоа лице, кого, како што рече Бошкоски, го сметал за пријател, со него носел кеса со пари што не ги броел, иако биле изложени пред него, излегол и тргнал кон автомобилот на паркингот.

– Само што излегов слушнав како некој вика „стој полиција“. Некои од полицајците носеа капи фантомки. Почнаа да викаат „легнете го ѓубрето“ и во еден момент ме легнаа на асфалтот како најголем криминалец –  рече Бошкоски и додаде дека од полицајците слушнал дека „ова му е поздрав од шефот“ и дека „не му бегаат седум-осум години затвор.“

„Некој рече да не се спомнува името Саша, туку шеф, издигнувајќи го како библиска личност, затоа што во Библијата стои „не го споменува залудно Бога“, дополни Бошкоски.

Тој оцени дека апсењето било политички реваншизам што произлегол од неговите јавни настапи по напуштањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ и формирањето на Обединети за Македонија. На денешното рочиште на „Тортура“ се присутни првоосомничениот Сашо Мијалков и останатите обвинети во овој случај.