fbpx

Борисов ја стави под мраз „Џи-Пи Груп“, која градеше во Прилеп и се спомнуваше со убиената новинарка од Русе

-

Бугарскиот премиер Бојко Борисов попладнево соопшти дека наложил големата бугарска компанија „Џи-Пи Груп“, која работела или уште работи на многу инфраструктурни проекти во Бугарија, да биде отстранета од државните проекти и проектите финансирани со европски пари, јави бугарскиот „Медиапул“.

„Џи-Пи Груп“, како што наведе бугарски „Банкер“, исто така ја заврши и пречистителната станица за отпадни води во Прилеп, која беше пуштена во употреба на почетокот на јули годинава.

„Џи-Пи Груп“ беше темата на последната телевизиска емисија на убиената ТВ водителка Викторија Маринова, во која таа разговараше со новинари што истражувале злоупотреби поврзани со оваа групација која во последните години зеде многу големи проекти. Иако првично се сметаше дека станува збор за ликвидација на новинар, потоа се покажа дека убиството го извршил млад маж во пијана состојба, кој по убиството избегал во Германија.

„Џи-Пи Груп“ во последните неколку месеци е во центарот на „Џи-Пи-гејт“, поради лоша изведба на капитални проекти.

– Му наложив на претседателот на агенцијата „Патна инфраструктура“, Светослав Глосов, почитувајќи го законот, да најде начин уште денеска за „Џи-Пи Груп“ да се отстрани од проектите финансирани од државата и од ЕУ – рече Борисов денеска во Асеновград.

Големата градежна група во моментот ја следат два големи скандали. Едната е за ремонтот на улицата Граф Игнатиев во строгиот центар на Софија, а вториот поради истражувањето на сајтот „Бивол“ за махинации за победување на тендери за проекти со европски пари.

Поради истражување за уништување документација за овој случај беа уапсени новинарите Димитар Стојанов и неговиот колега од Романија, Атила Биро, кои по реакција на европската јавност беа ослободени. Стојанов и Биро беа последните гости во емисија на убиената водителка Маринова.

По случајот со Стојанов и Биро, бугарското Јавно обвинителство отвори истрага и нареди запирање на исплатата на 14 милиони евра на „Џи-Пи Груп“, компанија која се поврзува со Валентин Златев, директорот на „Лукоил Бугарија“. Тој го негира тоа, а Џи-Пи Груп, инаку, изградила повеќе од 100 објекти на „Лукоил“ во Бугарија и врши нивно одржување, меѓу кои и новото седиште во центарот на Софија.

„Џи-Пи Груп“ го доби и тендерот за изградба на најдолгиот тунел во Бугарија, „Железница“ на новиот автопат „Струма“ во близина на Симитли, за сума од 185 милиони лева, односно 92,5 милиони евра.

Според бугарски „Банкер“ сегашниот гигант „Џи-Пи Груп“ полека стана најчестиот победник на државните и општинските тендери за изградба на патишта, инфраструктура, пречистителни станици“, а работи и на третата линија на софиското метро.

Во 2017 година имала  приходи од 185 милиони лева,3,6 отсто повеќе од годината претходно, а профитот изнесувал 27 милиони лева, што е 45 отсто повеќе од профитот во 2016 година.

„Џи-Пи Груп“ на почетокот на август годинава победи на тендерот за најдолгиот тунел во Бугарија, по што две странски компании – грчката „Актор“ и италијанската „Тодини“ поднесоа жалби. „Актор“ го градеше новиот автопат Демир Капија – Смоквица.

За реконструкцијата на централната софиска улица Граф Игнатиев, Џи-Пи Груп победи со понуда од 24 милиони лева (околу 12 милиони евра).

Компанијата со други компании ќе дели и  92 милиони лева (околу 46 милиони евра) за изградба на шест метро станици и 4,3 километри тунел на новата, трета линија на софиското метро. За изградба на две станици и тунел од 2,3 километри Џи-Пи Груп е во конзорциум со уште три компании, а за два километри тунел и четири метро станици направила конзорциум со друга компанија.

„Џи-Пи Груп“ стои и зад голем број други објекти изградени во последната деценија, меѓу кои и луксузни хотели и спортски сали, како и новото седиште на „Лукоил“ во Софија. Формирана е во 2004 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...