„Бомбите“ кои ги поседува Специјалното јавно обвинителство ќе бидат уништени, соопшти вчера Министерството за правда, известувајќи дека Владата ја решила иднината на СЈО, вметнато во предлог-законот за Јавното обвинителство. Но, која е постапката за уништување на материјалите од  нелегално прислушкуваните разовори , и што со копиите на „бомбите“ надвор од СЈО? Министерството за правда во своето вчерашно соопштение не ја прецизираше постапката.

– Материјалите од незаконското следење на комуникациите кои не се дадени како докази во судовите ќе се чуваат во Специјалното јавно обвинителство една година по правосилното завршување на сите постапки што се водат за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, а ќе бидат уништени согласно одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки, согласно закон. Записниците за уништување задолжително се доставуваат до јавниот обвинител – наведе Министерството.

Ниту во СЈО не знаат како точно ќе им бидат уништени „бомбите“.

– Тоа треба да биде регулирано со новиот закон – велат од обвинителството.

Во меѓувреме, пристапот до „бомбите“ е строго контролиран, велат во СЈО, чие формално име е Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

– Материјалите од незаконското следење на комуникациите се чуваат во посебен сеф во Обвинителството, а пристап до него имаат само две за тоа одредени лица. Пристапот е строго контролиран, со евидентирање на секое пристапување до материјалите. Во моментот кога некому му требаат материјали, се составува записник, овластеното лице му го дава материјалот , се преслушува и повторно се враќа, а враќањето се евидентира – велат во СЈО.

Уништувањето на материјали добиени со посебни истражни мерки (ПИМ), под одреден услови, е предвидено со Законот за кривична постапка и со Законот за следење на комуникациите, но ниту таму не е опишан начинот на кој физички ќе бидат уништени материјалите.

– Ова е материја која вообичаено се уредува со подзаконски акт, или, во ваков случај, техничката процедура би можела да биде опишана во наредбата за уништување, во зависност од материјалот кој се уништува. Тоа вообичаено се прави со материјали со класифицирани податоци – вели адвокатот Александар Георгиев.

Единствен јавно достапен подзаконски акт во кој е опишано уништување на материјали со податоци е „Правилникот за начинот на уништување на документите, како и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот“, основен документ кој го користат сите државни институции кои работат со лични податоци, како Дирекцијата за заштита на личните податоци и Собранието, на пример.

Правилникот предвидува постапка за уништување на пишани документи и на електронски носачи на податоци.

–  Документите се уништуваат со уред за ситнење (шредер) при што истите повторно неможат да бидат употребливи, за што комисијата составува записник …По пренесувањето на личните податоци од медиумот или по истекот на определениот рок за чување, медиумот се уништува, брише или пак се чисти од личните податоци кои што се снимени на него. Уништувањето на медиумот се врши со механичко разделување на неговите составни делови, при што истиот повторно да не може да биде употреблив. Бришењето или чистењето на медиумот се врши на начин што оневозможува понатамошно обновување на снимените лични податоци – стои во Правилникот.