Богов: Извозот е над очекуваното, рано е за прогнози за економскиот пораст


       
Скопје, 5 април, 2018 - 13:33 (META) 

Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов изјави дека се уште е рано да се даваат прогнози за економскиот пораст годинава, но она што е над очекувањата, е порастот на извозот.

– Извозот во првите месеци од годината е одличен и над очекувањата. Во извозот најголемо учество имаат новите производствени капацитети во зоните, кои толку беа критикувани, и тоа, веројатно ќе има значаен придонес врз економскиот пораст годинава-  рече Богов.

Тој додаде дека банките го следат сигналот на Народна банка, која ја намали референтната каматна стапка, но исто така потенцираше дека врз кредитирањето влијаат повеќе фактори.

– Врз работата на банките влијаат повеќе фактори, тие водат сметка за општата политичка состојба како и општествената сентименталност. Побарувачката на кредити лани страдаше, инвеститорите немаа доверба поради политичката состојба. Ќе видиме дали ќе се врати довербата и дали приватниот сектор ќе инвестира – додаде Богов.

Гувернерот потенцираше дека со намалувањето на референтната каматна стапка, Народната банка ја релаксирала монетарната политика бидејќи движењата на девизниот пазар се добри, а инфлацијата е ниска.

Прашан за тоа, како членството на Македонија во НАТО ќе влијае на економијата, Богов рече дека тоа би ги намалило политичките ризици.

-Ако ги погледнете извештаите од минатите години на агенциите кои го мерат рејтингот, ќе се види дека, политичката нестабилност е константна. Во овој случај би се намалиле политичките ризици и би се креирале постабилни услови за економските субјекти – објасни Богов.

Во однос на информацијата во бугарските медиуми за повлекување на групацијата „Сосиете женерал“ од регионот, а во чија што сопственост е Охрдиска банка, Богов додаде дека нема да ја коментира оваа ценовно чувствителна информација.

– Банкарскиот сектор е стабилен, довербата е на високо ниво. Доколку дојде до промена на акционерската структура на банката, новата треба да биде квалитетна на исто ниво како и претходната. НБРМ го има последниот збор за крајниот купувач и ќе внимава на тоа – додава Богов.