Богов: Граѓаните треба финансиски да се едуцираат, за да се избегнат ризици


       
Скопје, 11 мај, 2018 - 14:45 (META) 

Многу од проблемите при глобалната финансиска криза беа предизвикани од недоволната информираност и знаење на потрошувачите, рече денеска гувернерот Димитар Богов на отворање на настанот „Денови на финансиската писменост“ во „Скопје сити мол“ кој ќе трае до недела.

Затоа, како што кажа, важно е инстититуциите да ги едуцираат граѓаните за основните познавања од финансиската сфера.

„Она што во минатото беше читањето и пишувањето денес тоа се компјутерите и финансиската писменост. Потребно е подигањето на свеста за во иднина да се избегнат ТАТ, One coin, современи финансиски шеми кои носат финансиски ризици“, рече Богов и им порача на граѓаните да бидат внимателни и повеќе да се информираат од надлежните институции за финансиите и ризиците.

Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека со граѓанскиот буџет, целта била јавните финансии да се приближат до граѓаните, за тие полесно да разберат како се трошат нивните пари. Апелираше до нив, да ги дадат своите сугестии за тој да биде поразбирлив.

Тридневниот настан во „Скопје сити мол“, ќе овозможи едукација преку изложбен дел каде посетителите ќе можат да се информираат за сите финансиски параметри во врска со теми кои ги засегаат, ќе има презентации на одредени производи од учесниците, како и финансиско-едукативни активности за најмладите.