Гувернерот Димитар Богов ги увери турските инвеститори во стабилноста на економијата, курсот на денарот, амбиентот во кој работат и ги повикa да инвестираат како и досега.
– Народната банка ќе ги зачува макроекономската стабилност, стабилниот курс на денарот и банкарскиот систем. Не треба да се очекува загрозување на курсот на денарот, кој е стабилен и од 1997 година е без промени. Засега нема потреба од менување на поставеноста на монетарната политика – истакна Богов.
Според турските инвеститори, политичката, економската стабилност и безбедноста имаат големо влијание врз одлуките за инвестирање. Затоа денеска и се сретнале со гувернерот Богов, кој одговараше на нивни прашања поврзани со проекциите за економски пораст, сигурноста на депозитите во грчките банки, макроекономската стабилност.
– Кога е загрозена политичката стабилност, следствено на тоа влијание има и на другите два фактори. Тоа беше и причината зошто разговаравме со гувернерот Богов и ова беше прва средба меѓу приватниот и јавниот сектор. Продолжувањата на успесите на македонската економија зависат од решевањето на политичката криза – изјави претседателот на Стопанската комора Македонија-Турција, Туна Ејуп Кахвеџи.
Бизнисменот Ајдован Адемовски истакна дека турските инвеститори нема да се повлечат, тие ќе продолжат со остварување на зацртаните проекти и со остварување на инвестициите. Според Демиров, на Балканот тие се научени на вакви ситуации.
Турските инвеститори истакнаа дека биле загрижени по ситуацијата во Куманово, но веруваат во безбедноста на земјата и изразија желба кризата што побргу да се реши.