This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sat Feb 23 4:36:55 2019 / +0000 GMT

Богдановски: Ќе ги ловиме дивите откупувачи на суровини, заради нив се палат кабли и отпад




Шест месеци откако директно од Државниот инспекторат за животна средина дојде на чело на Градскиот инспекторат, се чувствува раздвижување посебно кога се работи за инспекции на помалите загадувачи. Со првиот човек на Градскиот инспекторат, Мирослав Богдановски, зборуваме за предизвиците, за алатките во борба против загадувачите, за социјалната димензија на загадувањето.

Инициравте промена на Правилникот за граничните вредности на загадувачите по основ на кој инспекторите имаа проблем да докажат загадување од помалите загадувачи.

- Ни требаше алатка за постапување кон малите загадувачи. Граѓаните со право се прашуваат што работи инспекцијата и зошто се случува да нема епилог на нивната работа, но проблемот не е едноставен. Во моментов не постои Правилник за цврсти горива кој би утврдил што едно домаќинство или едно претпријатие може да користи при затоплување –дрво, пелети и слично, и кои параметри во тој производ се дозволени, што воедно би дефинирало кој енергенс не е дозволен и кој би им овозможил на инспекторите, доколку утврдат дека се користи несоодветно гориво – на пример влажни дрва или пак отпаден материјал, да постапат против тие сторители. Влажните дрва загадуваат трипати повеќе од сувите. Да ја направиме работата на инспекцијата поефикасна за да го симнеме Скопје од врвот на листите на најзагадени градови во светот. Со Градот инициравме промена на Законот за јавна чистота, Закон за јавни патишта, ќе се носи нов Закон за комунална полиција – секаде каде што се соочуваме со проблеми како инспекција. Не може казна за фрлање на отпушок да биде 50 евра, а истата казна да биде и за истурање на цел камион шут на недозволена локација.

Барате носење на комплетно нов закон за комунална полиција...

- Од минатото лето градските комунални инспектори работат во три смени, има 8 инспектори и 16 комунални редари, се пишуваат казни за комунални прекрошоци, без пардон. Еве вчера се пишани 14 казни. Но, сакаме да ги зајакнеме капацитетите на Градот за оние прекршувања на комуналниот ред за кои досега можеше да реагира само полицијата. Досега комуналните инспектори, дури и да виделе, да речеме, камион како излегува од градилиште со калливи гуми, без церада и слично, не можеле да реагираат. Паркирање на зелени површини, пред контејнер, фрлање на отпад на недозволени места -градскиот комунален полицаец ќе има таква надлежност, односно ќе може да пишува и казни за комунални прекршоци на лице место.

Што превзема градскиот инспекторат против загадувачите?

- Градскиот инспекторат за животна средина има четворица инспектори. Нивен фокус се контролите на субјектите кои имаат Б-интегрирани еколошки дозволи кои ги има околу 40-тина и елаборати за животна средина, околу 550 во моментов, кои се одобруваат од Град Скопје.

Како постапувате во случајот на Железарница, да речеме, од каде и летоска имаше густ чад, а знаеме дека Макстил има А дозвола и е во надлежност на државниот инспекторат?

- Како инспекција, штом видиме нешто, веднаш сме таму, а ги следиме и социјалните мрежи. Во такви случаи, иако немаме ингеренции кај А дозволите, некогаш бараме вонредни инспекции, како што го направивме тоа во ноември со Цементарницата „Титан-Усје“. Во кругот на некогашна Железарница има околу 50 помали субјекти, од кои два имаат Б дозволи и тие ни се приоритетни за контрола. Во случај да чади од нив, постапуваме ние, но ако чадот доаѓа од Макстил, го информираме Државниот инспекторат, но ако тие не излезат на терен не сме надлежни да им кажеме - излезете!

Што превземате против оние кои диво палат кабли и загадуваат?

- Почнуваме со справувањето со тој проблем. Штом некој ги пали тие кабли, значи некој им го откупува тој бакар. Големите отпади, кои имаат А дозволи, знаат дека не смеат да откупуваат пален бакар бидејќи е незаконски, но имаме проблем со дивите откупувачи, нив сакаме да ги откриеме и затвориме. Имаме оперативни сознанија дека постојат луѓе, без фирми, без седиште, кои откупуваат бакар, старо железо и друг отпаден репроматеријал, сето тоа се прави затскриено, по дворови, по неколку часа во денот.

Но, што правиме со оние кои ги палат тие кабли, веројатно претходно украдени?

- Појдете на Вардариште и ќе ги видите тие што ги палат каблите. Видете ги тие луѓе во тие диви населби и кажете вие што да се прави со нив. Граѓаните велат: казнете ги, апсете ги, фатете ги. Одете самите да видите како е. Таму имаме огромен, пред се, социјален проблем. Таму се работи за преживување. Ниту имаме ингеренции да ги бркаме тие луѓе, ниту имаме каде да ги носиме, дури не можеме да им земеме ниту податоци оти немаат никакви исправи, не постојат за државата. Како инспекција можеме да ги казнуваме ама немаме ингеренции да ги тргнеме од таму. Викаме полиција, но како и да се постапи со нив, тие луѓе пак се враќаат таму.

Сте го алармирале ли Министерството за труд и социјала?

- Да. И таму и во дивата населба под Кале се палат и кабли и друг отпад.

Но, штом пали на јавна површина ...

- Кога палат на јавна површина, доаѓаме и интервенираме како инспекција, посебно сега кога работиме во три смени и кога функционира бројот 193, ако е голем огнот доаѓа и противпожарна. Но, како да постапиме кога пали огин и гори отпад во субстандардна куќарка во која неретко има бебиња? Со шмрк ли да им влеземе? Не можеме. Знаете ли дека пред шест-седум години, кога се тргаше дивата населба под Кале, инспекторите што таму постапуваа сега им се суди во судот за човекови права во Стразбур?

Разочарани од неефикасното справување со загадувањето, се појавија и приватни иницијативи за поставување на мерачи на загаденоста...

- Податоците од неакредитираните мерни станици јас ги земам со резерва. Тоа се многу прецизни инструменти кои мораат да се одржуваат, редовно баждарат. Но, ако тие инструменти се стават во систем, ако ги одобри Министерството за животна средина, тогаш се повеќе од добредојдени, не 10, сто такви ни требаат!

Post date: 2019-02-11 14:50:10
Post date GMT: 2019-02-11 13:50:10
Post modified date: 2019-02-11 14:50:10
Post modified date GMT: 2019-02-11 13:50:10

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com