!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Богдановиќ бара од Жерновски запирање на градежните работи на Кејот 13 Ноември


       
Скопје, 4 мај, 2017 - 18:22 (META) 

Претседателот на општинската организација на СДСМ Центар, Саша Богдановиќ, денеска поднел барање до градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, за запирање на градежните работи на Кејот 13 Ноември.

„Причината за поднесување на барањето е избегнување на сите евентуални штетни последици кои може да настанат, како за животната средина, така и за формално-правниот аспект од веќе почнатото спроведување на одлуките на подрачјето на Општина Центар, а донесени од надлежните органи на Град Скопје, со дискутабилна законска основа“, се наведува во дописот на Богдановиќ до Жерновски.

Во него се потсетува дека на 20 март оваа година, Советот на Општина Центар усвоил програма за утврдување на изгледот на градбите на територијата на Општина Центар од значење за општината, врз основа на која на шеталиштето Кеј 13 Ноември е планирано поставување на нова урбанистичка опрема за заштита на постоечкото зеленило во Центар, но и за подобрување на квалитетот на животната средина.

„За спроведување на оваа програма, покрај нејзината исклучителна важност, досега не е преземена ниту една мерка за почнување на нејзина реализација. Дополнително, настанати се нови околности со поништување на ДУП – Мал Ринг донесен на 24 декември 2012 година од претходниот состав на Советот на Општина Центар, за што неопходно е да биде известен и органот што го издал одобрението на приватниот инвеститор што почна со градба на улица на местото од шеталиштето“, стои во барањето на Богдановиќ.