fbpx

Богата новинарска и уредничка жетва: Како паѓаше слободата?

-

За шест години, според индексот на слободата на медиумите, Македонија паднала за 49 места. Во 2010 година сме биле на 68. место, за денес, според „Репортери без граници“, да се најдеме на 117. место.

Како што пишува во годишните извештаи, за лошата состојба во медиумите во Македонија придонесе затворањето на многу медиуми, користењето на рекламниот простор како алатка за „воспитување“ на медиумите, големиот број судски случаи против новинари и смена на уредници.

Последниве години целата медиумска сцена во Македонија се испреврти. Тешко може прецизно да се каже колку на број новинарски и уреднички трансфери и заменувања имало, иако некои тврдат за пет години имало 50 смени или заминувања на уредници и на новинари поради притисоци или поради ќефот на сопствениците.

Во меѓувреме згаснаа повеќе печатени и електронски медиуми.

  • Еве како течеше овој процес.

Последната смена се случи во февруари годинава, кога главната и одговорна уредничка на порталот „Телеграф“, во сопственост на МПМ, Ивана Костовска, си поднесе оставка. Како што пишуваа медиумите, таа си поднела оставка на нејзиното уредничко место поради притисок од менаџментот. Претходно, главен уредник на овој портал беше Зоран Ричлиев, кој беше сменет, а подоцна и ја напушти МПМ.

Во јули 2014 година, по доаѓањето на Атанас Кировски на челната позиција во ТВ „Телма“, на која го замени дотогашниот прв човек Ристо Лазаров, кој замина во пензија, од раководната функција во вестите на оваа телевизија е сменета и долгодишната уредничка Емилија Лазаревска.

Во февруари 2014 година доби отказ главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“, Зоран Димитровски. Според него, сопственикот му образложил дека отказот го добил затоа што ги нарушувал професионалните новинарски стандарди и манипулирал политички.

Во март 2013 година, новинарката Богданка Кузевска беше поставена за главен уредник на телевизија „24 Вести“, а Боби Христов беше сменет. Во тој период, во „24 Вести“ за програмски директор беше поставен Зоран Иванов, кој по отказот од „Алфа“ јавно изјави дека го напушта новинарството и ги враќа сите награди што ги добил. Сепак, Кузевска на оваа позиција се задржа само неколку месеци, по што ја замени Гоце Михајловски. Него, пак, пред извесно време го замени Сеад Ризвановиќ. Михајловски даде оставка, а на „Фејсбук“ напиша:

„Со менаџментот понекогаш сме имале различни мислења за дел од програмата, но тоа не е ниту главната, ниту единствената причина за моето повлекување.“

Во 2013 година, во телевизија „Алфа“ на местото на Зоран Иванов, кој даде оставка, дојде Коле Чашуле, кој беше уредник на дневниот весник „Ден“, кој излегуваше околу една година.

Во ноември 2012 година, Зоран Андоновски, главниот и одговорен уредник на „Дневник“,  си поднесе оставка, поради, како што пренесоа некои медиуми, професионални причини..

„Оставката ја поднесов од професионални причини, бидејќи не можев да го водам весникот како што јас сметам дека е потребно. Официјално, од денеска сум на годишен одмор“, изјави тогаш Андоновски за медиумите.

Андоновски беше заменет од Дарко Јаневски кој, пак, беше уредник во „Нова Македонија“.

Во 2011 година, беше сменет од главен уредник во „Дневник“, Зоран Димитровски, кој го наследи Сашо Кокаланов, кој подоца беше ставен за уредник во електронското издание. По неколку месеци си замина од МПМ.

Во „Утрински весник“ во 2012 година се сменија три главни уредници. По Љупчо Поповски, раководната палка ја зеде Нина Нинеска-Фиданоска, а само неколку месеци подоцна таа беше сменета со Соња Крамарска, која сè уште е на таа функција.

Во септември 2012 година, Горан Петревски ја презеде уредничката позиција на вестите на МТВ.

Во 2009 година, од главен уредник на „Канал 5“ беше сменет Ацо Кабранов, кој подоцна го отвори порталот „Либертас“. На местото на Кабранов, главен уредник во оваа телевизија стана Лидија Богатинова, која сè уште е на оваа позиција. Подоцна Кабранов стана главен уредник и во телевизија „Алфа“, кога го напушти работното место во 2011 година.

  • Затворање медиуми

Во 2013 година се затвори дневниот весник „Капитал“, чиј уредник беше Спасијка Јовановска. Беа отпуштени и десетина новинари.

Во 2013 година се затвори и дневниот весник „Фокус“, чиј сопственик беше Никола Младенов, а главен и одговорен уредник – Бранко Героски.

Во 2012 година пропадна дневниот весник „Ден“, чиј уредник беше Коле Чашуле.

Во 2012 година излезе и неделникот „Граѓански“, чиј главен уредник беше Миле Јовановски, а извршен уредник Катерина Блажевска. Таа претходно беше главен и одговорен уредник на весникот „Дневник“. Неделникот, пак, се затвори во 2013 година. Во него работеше и Васко Попетрески, кој во еден период беше уредник и во телевизија „Канал 5“ и во „Дневник“.

Во 2011 година се затворија три медиуми од една групација – империјата на Велија Рамковски. Се затворија весниците „Шпиц“, чиј главен уредник беше Бранко Героски, „Време“ кој го раководеше Коле Чашуле и телевизија „А1“, со Младен Чадиковски за главен и одговорен уредник. Се затвори и магазинот „1Е“, чиј уредник беше Анета Кочишки, која подоцна беше обвинета за злосторничко здружување, а доби и две години условна казна затвор. Од оваа групација без работа останаа десетици новинари.

Во 2011 година се затвори „Форум“, кој беше под палката на Атанас Кировски, кој од 2014 година е новиот директор и главен уредник на телевизја „Телма“, како и „Лајф магазин“ чиј уредник беше Љупчо Јолевски. Тоа беа медиуми на ИТ-компанијата „Сивус“. Одлуката за затворањето на медиумите се направи без никаква најава. На 31 август 2011 година на новинарите им беше соопштено дека од 1 септември 2011 година овие медиуми повеќе нема да излегуваат. Од трите медиуми, само новинската агенција „Макфакс“ продолжи да функционира.

Во 2009 година се затвори магазинот „Глобус“, кој го уредуваше Бранко Тричковски. Без работа останаа десетина новинари, меѓу кои и поранешни вработени на „Утрински весник“, кои од менаџментот на МПМ беа пренасочени на проектот „Глобус“, кој беше со лиценца на хрватскиот неделник.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Марш за видливост на трансродовите лица утре пред Влада

Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“ соопшти дека во пресрет на 31 март, Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, утре со почеток...