!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Бочварски: Урбанистичките планови се правеа за бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ


       
Скопје, 18 февруари, 2017 - 13:53 (META) 

СДСМ има подготвено закон за заштита на зеленилото и за зголемување на процентот на зеленилото во градовите и по формирањето на новото парламентарно мнозинство ќе го пуштиме во собраниска процедура, изјави денеска Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ.

Бочварски соопшти дека Законот ќе предвидува површините планирани во Генерален урбанистички план и во Детален урбанистички план, со намена зеленило, спорт и рекреација да не можат да се пренаменуваат во било што друго.

– Во Македонија досега се правеа урбанистички планови за бизнис интереси на криминалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, без да се води грижа за хуманото живеење. Исекоа многу паркови. Уништија многу зелени површини за непотребни градби, што немаат никаков придонес за развој на градовите. На тој начин е нарушена циркулацијата на воздухот. Тоа е и една од причините зошто Скопје е во првите три најзагадени градови во Европа, а на врвот по загадување на воздухот се и Тетово и Битола – вели Бочварски.