Бобан Илиќ не се чувствува виновен за смртта на Алмир, пресуда в четврток


       
Куманово, 2 април, 2018 - 15:52 (META) 

В четврток во 14 часот во Основен суд Куманово ќе биде соопштена пресудата за смртта на 4-годишниот Алмир Алиу, кој пред нецели две години беше прегазен во Куманово. На денешното рочиште на кои се кажуваа завршните зборови, обвинетиот Бобан Илиќ, кој по измената на обвинителниот акт, сега одговара за сообраќајка со смртни последици, рече дека не се чувствува виновен, јави „Порталб“.

Асмир Алиспахиќ, адвокатот на семејството Алиу тврди дека се направени низа неправилности и во истражната постапка и во анализата на материјалните докази и порача дека обвинителството направило сериозна грешка со преформулирање на обвинението против Илиќ од убиство во сообраќајна несреќа со смртни последици. Според Алиспахиќ, обвинение требало да има и против братот на Бобан, Бојан Илиќ.

Обвинението беше преформулирано бидејќи, како што рече обвинителката Сузана Кусиѓерска, невропсихијатриско вештачење покажало дека Бобан Илиќ бил во состојба на емоционална растроеност и немало предумисла. Според адвокатот на семејството Алиу, тројца од четиримината вештаци имале истечено лиценца. Алиспахиќ побара и повлекување на обвинението за Седат Алиу, Абдула Алиу и Сами Демири, кои се обвинети за насилство против браќата Илиќ.

Во завршните зборови, Бобан Илиќ рече дека не се чувствува виновен.

Неговиот адвокат Стеван Павлески рече дека вистинските виновници се членовите на семејството на малиот Алмир.

Според Павлески, Бобан Илиќ не е виновен за сообраќајка со смртни последици, бидејќи не ја предизвикал опасната ситуација, туку на тоа бил поттикнат од постапките на роднините на Алмир, кои во болницата пред инцидентот првин усно, а потоа физички го нападнале.