fbpx

Блокирани патишта и отсечени села во источна Македонија поради големи снежни наноси

-

Со интервенција на полицијата повремено се пропуштаат возила од двете страни на патот Штип – Кочани, каде сообраќајот неколку часа беше во целосен прекин поради големите снежни наноси. Силниот ветер што дуваше цела ноќ, а продолжи и утрово, создаде наноси високи и до два метри кај селото Крупиште, поради што привремено беше затворен патот Штип – Кочани.

На барање на Јавното претпријатие „Македонија пат“, полицијата целосно го стопираше сообраќајот кај селото Долни Балван за да може механизацијата да ги расчисти наносите.

– Ќе треба уште минимум еден час за да се расчистат наносите кај Крупиште и целосно да се оспособи делницата. Проблем се и возилата, кои се неподготвени за зимските услови и без зимска опрема дополнително го попречуваат работењето на екипите на „Македонија пат“ – изјави техничкиот директор на подружницата на „Македонија пат“ во Штип, Киро Коцев.

Дополнително отежнување се паркираните шлепери и друг вид на тешки товарни возила поради забраните за нивно движење речиси на сите патишта во источна Македонија. Забраната стапи на сила синоќа во 23 часот, до кога екипите на „Македонија пат“ го одржуваа патот кон границата со Бугарија, со цел да поминат поголемиот дел од тешките возила кои транспортираат стока кон и од Бугарија.

Доцна синоќа извлечен е и автобусот на „Берово транс“, кој беше заглавен кај планинскиот превој Обозна, а патниците апелираа за помош.

Обилните врнежи од снег создадоа проблеми и во Овчеполието. Силниот ветер создаде наноси кај Сарамзалино, каде утринава екипите на „Македонија пат“ го разчистувале овој дел од патот. На патот Велес – Штип се вози забавено, со повремени, мали застои и во зимски услови.

Селата што гравитираат кон Врсаково и Долани се целосно отсечени. Општина Штип соопшти дека четири екипи работат на деблокирање на селата.

Во Кочани се расчистени улиците, но останува да се пробие патот кон Пониква, кој од синоќа е целосно затворен за сообраќај и се очекува да биде расчистен во текот на денот.

Од „Македонија пат“ соопштуваат дека е клучно денеска да бидат расчистени патините правци, бидејќи ако се остварат најавите на метереолозите за температури и до минус 20 Целзиусови степени, ќе има проблеми во расчистувањето, бидејќи солта не дејствува на температури под минус 7 Целзиусови степени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...