Бизнисот во фокус на седмиот Самит на шефовите на Влади на Кина и земјите од ЦИЕ


       
Софија, 6 јули, 2018 - 9:46 (META) 

Бизнис делегација на највисоко ниво предводена од претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска традиционално учествува на 7. Самит и бизнис-форум на шефовите на Влади на Кина и 16. земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ), кој официјално ќе се одржи на 7 јули во Бугарија.

„Минатата година во Унгарија остваривме успех со потпишување на седум договори за трговски партнерства меѓу Македонија и НР Кина. Традиционално, како резултат на одличната соработка на Сојузот со НР Кина, очекуваме делегатите да отпочнат нови партнерства, да осознаат за можностите за вклучување во проектите кои годинава ќе бидат во фокусот и се значајни за Иницијативата 16 + 1 и за целиот регион. Интересот од страна на компаниите од сите сектори за учество на годинешниот самит е голем и веруваме дека ќе ги надминеме успесите од минатата година од самитот во Будимпешта“, изјави Арсовска.

Претседателката на ССК, е потписник на единствениот договор на Балканот за економска соработка со Кина со што за македонските компании се отвори пат за директен пристап на најголемиот азиски пазар.

Годинава, акцент ќе се на високи технологии, инвестиции, индустриско партнерство, заедничко вложување, инфраструктура (вклучувајќи и транспортна и патна инфраструктура, енергетика), земјоделство и туризам, а ќе се промовира и кинескиот мега-проект „Еден појас, еден пат” за инфраструктурно и економско поврзување на Азија, Европа, Африка и Блискиот Исток.

Изминатите две години, по однос на вкупната надворешно-трговска размена, Кина е седми трговски партнер на Македонија. Вкупната трговска размена лани изнесувала, 506 милиони долари. При тоа, остварен е извоз во вредност од 62,2 милиони долари, а увоз од 444 милиони долари.