Плановите за вработување на 67 лица во јавните претпријатија во Битола предизвика нова политичка кавга во Советот на Општината. На расправата паднаа тешки обвинувања за власта и навреди за опозицијата, иако и двете страни се согласни дека законска обврска на јавните претпријатија е да ги изнесат плановите за вработување во тековната година пред градскиот Совет.
Од опозицијата истакнаа дека во изборна година, вработувањата во јавните претпријатија не се ништо друго освен лов на гласачи.
– Прво си ги вработивте сите од вашите фамилии, а сега ќе вработувате и други? – обвини Горан Козаров од СДСМ.
Александар Касапов од ЛДП им порача на советниците од власта дека и 701 лице да вработат, тоа нема да ги „извади од калта“ во која 10 години ја држат Битола.
Советничката од ВМРО-НП, Габриела Илиевска, праша зошто толку бурно регираат советниците од власта кога ќе се спомене криминалот во Општина Битола, кога и „врапчињата знаат дека има криминал“.
– Како да зборуваме за планови за вработување, кога дел од директорите на функциите се избрани додека Владимир Талески беше во домашен притвор – рече Илиевска.
Кавгите продолжија кога советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Соња Трпезановска, почна да вика по советниците од опозицијата дека треба да се засрамат и ја насочи дискусијата кон централни теми, односно формирањето на новата влада и двојазичноста.
– Срам е да поддржувате човек кој сака да биде премиер, а е аболиран криминалец – рече Трпезановска.
Тензијата дополнително се зголеми кога советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Златко Милошевскив почна јавно да ги навредува претходните говорници од опозицијата дека „немаат домашно воспитување и култура“ и не заслужуваат да бидат во Советот.
По ова претседателката на Советот, Силвана Ангелевска, даде пауза, а опозиционерите побараа Милошевски јавно да им се извини.