fbpx

Битолскиот хор „Ад либитум арт“ учествуваше на фестивал на мјузикли во Солун

-

Битолскиот хор „Ад либитум арт“ настапи на Петтиот светски фестивал на хорски мјузикли во Солун. Под диригентската палка на Екатерина Јосифовска, на фестивалот посветен на музика од мјузикли, во пријателска разиграна атмосфера, во преполна концертна сала на Универзитетот „Аристотел“, битолскиот хор настапи со изведба на делови од мјузиклите „Њујорк, Њујорк“ (New York, New York) и „Кралот лав“ (The Lion King), ја изведе легендарната „Sweet dreams“ од „Јуритмикс“ и ја занеме публиката со изведбата на старата традиционална македонска песна „Дафино, вино црвено“.

Настапот на хорот беше уште еден доказ дека културата ги руши сите бариери поставени од политичкиот спор. Хорот „Ад либитум арт“, помина одлично, без никакви проблеми и беше поздравен со громогласен аплауз и со овации во преполната концертна сала на солунскиот Универзитет, за време и по завршувањето на настапот. Хорот учествуваше на фестивалот на иницијатива и на покана и со целосно покровителство и поддршка на македонскиот конзул во Солун, Маја Апостолова.

Како што ни изјави Апостолова, хорот бил презадоволен од настапот и од начинот на кој бил примен од солунската публика. Настапот на хорот беше проценет како одлична можност за воспоставување контакти и соработка со хорови од светот и од регионот. Како што дознаваме, битолскиот хор планира наскоро музички фестивал во Дојран, каде ќе има можност да ги покани хоровите со кои се воспоставени нови контакти. Покрај нив, на фестивалот настапија и хорови од Патра, Керацини, домаќинот-хор „Кораис“, хорот „Аве музика“ од Бугарија и естонскиот хор „Вене Корикарели“. Фестивалот продолжува и денеска, со настапи од Романија, Кипар, Грција и од Чешка.

Покрај настапот на „Ад либитум арт“, солунската публика следниот месец ќе има можност да се запознае уште подобро со современата македонска култура. Во текот на мај, исто така, по иницијатива на конзулката Апостолова е предвидено учество и македонски штанд на Солунскиот саем на книгата. За време на саемот, ќе бидат претставени работата и делото на македонските автори Александар Прокопиев и Томислав Османли.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...