fbpx

Битолскиот хор „Ад Либитум Арт“ се претстави на Фестивалот на мултијазичноста во Солун

-

Битолскиот хор „Ад Либитум Арт“ викендов ја претстави македонската култура со учество на четвртиот по ред Фестивал на мултијазичноста во Солун. Звуците на „Дафино вино црвено“, „Битола мој роден град“ го исполнија амфитеатарот на општина Солун, која веќе четврта година го организира овој фестивал кој ја слави етничката разноликост и мултикултурализмот во Солун.

Хорот имаше настап половина час со шест македонски народни песни и една странска нумера. Никола Петровски, вокалист во битолскиот хор во разговор за „Мета“ посочува дека публиката покажала интерес веројатно поради интересниот ритам на македонската народна музика.

– Ние сме доста задоволни од публиката бевме одлично прифатени. Имаа можност да се запознаат со нашата култура преку нашата музика и навистина им се виде интересно можеби поради неправилните ритми кои ги има македонскиот фолклор и мислам дека привлековме доста внимание – вели Петровски.

Покрај македонскиот хор со свои музички настапи учествуваа и Италија, Украина, Турција, Германија, Романија, Србија и Русија. Учеството на голем број странски хорови и учесници како што вели Петровски им овозможило да воспостават и контакти за можни понатамошни соработки.

– Имаше претставници од повеќе земји од светот и по нашиот настап диригентката и дел од членовите имаа можност да поразговараат и со други хорови и со организатори на вакви манифестации со цел да се направи некоја нова соработка, размена не само на искуства, туку да бидеме и домаќини во иднина на некој таков ансамбл од светот, а исто така и да бидеме поканети во нивната држава. Се надеваме дека оваа можност ќе вроди со плод за идни соработки – додава Петровски.

Битолскиот хор учествуваше на фестивалот на покана на македонскиот конзулат во Солун и конзулката Маја Апостолова. Конзулатот во Солун активно учествува на културните настани во втората грчка престолнина.

Изминатиов период овозможи учество на македонски хор на фестивалот за хорска музика од мјузикли, а пред неколку недели и македонско учество и претставување на поетот Влада Урошевиќ на Солунскиот саем на книга.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...